
Пеликаните се едни од најрепрезентативните птици на нашите езера и симболи на нашето природно наследство – особено во регонот на Преспанското Езеро. Меѓутоа, колку навистина знаеме за нивните навики и успешност во исхраната?
Пеликаните се соочуваат со бројни предизвици додека ја бараат својата храна – од промени во живеалиштата до притисок од човечки активности. Разбирањето на нивните навики на исхрана е од суштинско значење не само за заштита на самите пеликани, туку и за следење на состојбата на живеалиштата од кои зависат.
Меѓу најфасцинантните аспекти во однесувањето на пеликаните е нивниот уникатен начин на риболов. Понекогаш ловат самостојно, движејќи се бавно и внимателно низ водата, додека во други случаи дејствуваат заеднички – во компактно формирани групи, пливајќи рамо до рамо во полукруг за кооперативно да ја фатат рибата. Преку подобро разбирање на тоа каде, кога и како се хранат пеликаните, можеме да откриеме кои влажни живеалишта се најважни за нив и како да ги заштитиме овие витални екосистеми.

За да се одговорат овие прашања, Друштвото за заштита на Преспа од Република Грција ја создаде “PelicanWatch” – едноставна мобилна апликација која им овозможува на сите набљудувачи на птици или едноставно љубители на природата, да учествуваат во вистинско научно истражување. Преку апликацијата, граѓаните можат да бележат набљудувања на однесувањето на пеликаните при хранење и да им помогнат на научниците подобро да ги разберат предизвиците со кои се соочуваат овие птици.
Со само 10 минути од вашето време и еден двоглед, можете да придонесете вредни податоци во растечка база. Секое набљудување помага да се одговорат клучни прашања како што се:
- Кои влажни живеалишта се најважни за пеликаните во пронаоѓањето храна?
- Колку време им е потребно на пеликаните да ловат за да се заситат?
- Кој начин на риболов е поуспешен – самостојниот или кооперативниот?
- Како се менуваат влажните живеалишта со текот на времето?
Апликацијата “PelicanWatch” исто така овозможува лесно да евидентирате набљудувања на пеликани кои се веќе означени од научниците (внесувајќи го кодот од алките поставени на нозете), со што помагате во следењето на нивните движења, стапките на преживување и растојанијата што ги прелетуваат.
Успехот на овој проект зависи од волонтерите. Со едноставни чекори и минимална опрема, вашето учество може да има значајно влијание. Бидете дел од оваа заедничка мисија!
Преземете ја апликацијата “PelicanWatch” уште веднаш и помогнете во заштитата на пеликаните!
Одржувањето на оваа апликација е овозможено со проектот „Проект ПреспаНЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“ кој го спроведуваат Македонското еколошко друштво, Друштвото за заштита на Преспа од Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија. Проектот е поддржан од Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (PONT), Фондацијата „Ааге В. Јенсен“ и „ЕуроНатур”.

