Утрински Весник
Македонија

Граѓаните во втор план, градоначалници два месеци ќе се бават со лична кампања наместо со проблемите во општините

Pretsedatelskiizbori 960x480

За дваесеттина денови започнува кампањата за претседателските избори чиј прв круг е закажан за 24 април.

Иако има уште доста до официјалниот старт на кампањата, кандидатите за претседател веќе на големо тераат своја лична промоција, која започна уште за време на рокот за собирање граѓански потписи.

Она што е интересно е дека од седум кандидати, дури тројца се актуелни градоначалници на големи општини.

На најголемата од нив, Куманово, градоначалник е Максим Димитриевски кој освен што е претседатеслки кандидат е претседател и на новоформирана партија која ќе настапи и на парламентарните избори.

Па така, деновиве Димитриевски почесто се фотографира со нови простории на неговата партија низ различни градови, отколку што се фотографира со сработени проекти.

Слично е и со градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој освен кандидат за претседател има и улога на неформален лидер на опозицискиот блок во албанскиот електорат и е посветен на детронизирање на ДУИ од власт.

Од тројцата градоначалници, се чини дека за сега единствено Стевчо Јакимовски успешно балансира помеѓу раководењето на општината и водењето на лична, односно партиска предизборна кампања, дали така ќе продолжи се до денот на изборите, останува да видиме.

Покрај претседателските, градоначалници ќе „трчаат’ и на парламентарните избори?

Од информациите што кружат низ партиските и политички кулоари, се поизвесно е дека и тоа ќе се случи.

Според информациите, речиси е сигурно дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска би била носителка во изброната единица еден на нејзината партија Нова Алтернатива.

Постојат извесни непотврдени информации дека СДСМ во некои изборни единици како „тројката“ и „четвроката“ одредени градоначалници можат да се најдат на листите, но дали подоцна општинските фотелји би ги замениле со собраниските или пак би се откажале од мандатите, најверојатно ќе зависи од изборноиот резултат на партијата.

Но свои математики имаат и градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ особено во првата и втората изборна единица.

Според информациите, пред неколку денови токму за позициите на пратеничките листи се случила кавга помеѓу лидерот на партијата Христијан Мицкоски и дел од скопските градоначалници.

Имено, дел од градоначалниците на општини во изборните единици еден и два барале и тие да добијат висока позиција на листата за пратеници, на што им било замерено од страна на Мицкоски, но и од дел од партиското раковдство.

Градоначалник носител на листа во изборна единица ќе има и партијата ДУИ, каде градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети би ја предводел листата во изборната единица два.

До поднесувања на листите во ДИК остануваат уште помалку од 20 дена, период кој внатре во партиите ќе се искористи за финални „пеглања“ на листите, а за очекување дека ништо нема да биде конечно се додека тие и официјално не бидат заверени и објавени од страна на ДИК.

Можете да прочитате

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!

Лукаревска: Со гордост ја напуштам функцијата, на Фани ѝ посакувам успех во зацврстувањето на социјалдемократските вредности