
Точно напладне, од пред Владата во Скопје започна протестниот марш против загадувањето, организиран од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“. Под паролата „Профит за УСЈЕ, болест за народот“, граѓаните јавно го изразија своето незадоволство и загриженост за влијанието на цементарницата врз здравјето и квалитетот на животот.
На протестот беа истакнати транспаренти со пораки како „На хартија бело, во дробови црно“, „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксуз, туку наше право“ и „Станете граѓани, ни ги трујат децата“. Учесниците повторно побараа затворање на цементарницата, нагласувајќи дека економскиот профит не смее да биде поважен од здравјето на граѓаните.

Како едно од клучните барања беше посочено поставувањето независни мерни станици за 24-часовен мониторинг на квалитетот на воздухот. Организаторите порачаа дека сè додека тоа не се реализира, немаат доверба во тврдењата дека фабриката не придонесува за загадувањето.

Непосредно пред почетокот на протестот, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека институциите работат на обезбедување почиста и поздрава животна средина и дека граѓанските протести се легитимен дел од демократското општество. Тој нагласи дека секој има право да го искаже своето незадоволство и додаде дека Владата прави напори да ги реши проблемите кои со години биле запоставувани.

Протестниот марш продолжи пред Собранието, а заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање, од каде граѓаните порачаа дека ќе продолжат со јавниот притисок сè додека не добијат конкретен институционален одговор.


