Утрински Весник
Македонија

Граѓани на протест против игнорантниот однос на институциите, утре во 17:30

Kocaniprotesti.jpeg

Утре, 18 септември, со почеток во 17:30 часот, ќе се одржи протест против колективниот крах на системот и игнорантниот однос на институциите – полицијата, обвинителството и судовите – кои дозволуваат да продолжи континуираното насилство врз жените што преминува во фемициди, и покрај пријавите и повиците за помош и заштита.

Организаторите нагласуваат дека фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат со години, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски кога институциите не постапуваат по протоколите за заштита и законите.


Дополнително, како што се наведува, кон фемицидите придонесува и молкот во општеството, родовите стереотипи, дискриминацијата, стигмата и одбивањето да се преземе колективна одговорност. „Вртењето на главата на страна кога сме сведоци на насилство и ставот дека тоа не е наша работа е уште еден показател за тоа колку сите придонесуваме насилството не само да се случува постојано, туку и да ескалира“, велат организаторите.

Протестот ќе биде и потсетување на убиството на Росица и сите други жени брутално убиени од сегашни или поранешни партнери – случаи кои можеле и морале да бидат спречени. Само во последните пет години во земјава животот го загубиле најмалку 20 жени како кулминација на повторено родово базирано насилство.

Иако во 2023 година Македонија стана првата држава во регионот што го криминализираше фемицидот, последните настани покажуваат дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, координација и одговорност на институциите.

Затоа, барањата на протестот се насочени во четири области:

  1. Институционална одговорност и санкции
    – Итни оставки и дисциплински постапки против службени лица кои не постапиле по пријавите за насилство и закани.
    – Формирање независна истрага за институционалните пропусти и неисполнувањето на протоколите.
  2. Специјализирани механизми за заштита на жените
    – Воспоставување и јавно објавување задолжителни протоколи за полицијата, обвинителството, судството и центрите за социјална работа.
    – Зголемени ресурси и обуки за институциите за навремено постапување и санкции за службениците кои не реагираат.
  3. Законска рамка и стратегии за превенција
    – Целосна имплементација на одредбите за фемицид преку обука на судии, обвинители и полиција.
    – Развивање национална стратегија и акциски план за превенција и заштита од фемицид со конкретни механизми и буџетска поддршка.
  4. Општествена одговорност и јавен притисок
    – Прекинување на заштитата на насилниците од страна на политички партии, бизниси и медиуми.
    – Поддршка на јавни протести и граѓански иницијативи за да се испрати јасна порака дека женските животи не се преговарачка валута.

Организаторите повикуваат граѓани, организации и медиуми да се приклучат на протестот и заеднички да испратат порака за системски промени и вистинска заштита на жените.

Можете да прочитате

Покренати постапки за дел од трговците заради цените на храната, ставале „нелогични“ маржи, вели Мицкоски

АНТИЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Ладни утра, можен мраз и сонце преку ден!

Заврши мерката „училишна кошничка“, заштедата за семејство со двајца ученици е околу 3 000 денари, вели Ристески