
Големо мнозинство од западните Европејци поддржуваат одмазднички тарифи против САД доколку американскиот претседател Доналд Трамп воведе огромни увозни давачки за главните трговски партнери, покажува ново истражување, а пренесува Гардијан.
Трамп се очекува утре да воведе низа царини кои се разликуваат од земја до земја, нешто што тој го нарече „Ден на ослободувањето“. Американскиот претседател, исто така, минатата седмица рече дека следниот ден ќе стапи на сила давачката од 25 отсто за автомобилите што се испорачуваат во САД.
Многу европски фирми веројатно ќе бидат тешко погодени, пишува Гардијан. Некои, вклучувајќи ги и германските производители на автомобили и француските фирми за луксузни стоки и производителите на вино, шампањ и алкохолни пијалаци, се потпираат на извозот во САД до 20 отсто од нивниот приход.
ЕУ веќе вети „навремен, силен и калибриран“ одговор на плановите на Вашингтон, за кои експертите предвидуваат дека најверојатно ќе го намалат производството, ќе ги зголемат цените и ќе поттикнат трговска војна. Глобалните пазари и доларот паднаа во понеделникот, откако Трамп ги урна надежите дека она што тој го нарекува „реципрочни царини“ ќе ги таргетира само земјите со најголем трговски дисбаланс.
Истражувањето на „YouGov“ спроведено во Данска, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство покажало дека ако тарифите на САД продолжат, големо мнозинство – од 79 отсто од испитаниците во Данска и 56 проценти во Италија – се залагаат за одмазднички давачки за американскиот увоз.
Во Германија, каде производителите на автомобили како „Порше“, „БМВ“ и „Мерцедес“ се соочуваат со значителен удар врз нивниот профит и во Франција каде продажбата на вина и алкохолни пијалаци во САД вреди речиси 4 милијарди евра годишно, 68 отсто од испитаниците поддржале одмазднички тарифи.