Утрински Весник
Магазин
Img 7972

Големиот јаз во платите на холивудските актери повеќе од очигледен

Големиот јаз во платите на холивудските актери повеќе од очигледен
Img 7972

Штрајкот во Холивуд продолжува.

dobivaj vesti na viber

Примарниот проблем е развојот на вештачката интелигенција, која сè повеќе ги загрозува традиционалните работни места во забавната индустрија.

„Марвел“ веќе користи вештачка интелигенција (со ликот на Семјуел Џексон) во воведната шпица на новата серија „Тајна инвазија“, што предизвика големо негодување во јавноста.

Не може со сигурност да се каже дали луѓето ќе успеат да ја добијат битката против технологијата, но историјата покажува дека, најверојатно, нема.

Сепак, има уште една причина за штрајкот за што има повеќе причини за оптимизам – нееднаквоста и ниските плати на помалку познатите актери, сценаристи и другите потценети актери во споредни улоги, кои заработуваат неспоредливо помалку од ѕвездите.

Во последните месеци често се појавуваа сведоштва на оние што едвај врзуваат крај со крај во гламурозната филмска индустрија. Претходно, ретко се зборуваше за конкретни суми, а и сега има многу прашалници – колку всушност заработуваат оние што се зад сцената или во споредна улога?

Според Американското биро за статистика, просечната плата на актерите во Калифорнија била 27,73 долари на час – тоа е 1.109 долари неделно или околу 4.500 долари месечно. Можеби изгледа многу, но не е минимум, туку просек, во кој се вбројуваат и милионските цифри на главните улоги.

Американската федерација на телевизиски и радиоуметници (САГ) сепак успеа да се избори за минимум – на пример, актерите што работат една недела на снимање ТВ-серија сега мора да добијат најмалку 3.756 долари. Според американскиот систем, таа сума е бруто – актерите на рака добиваат помалку по даночењето.

Поголем проблем од самата сума е што нивните појавувања во ТВ-серии се само повремени, а во меѓувреме актерите мора да се снаоѓаат.

„Порано, ако сте во популарна епизода од популарна серија, приходите доаѓаа долго време. Речиси 18 месеци можевте да сметате на дополнителни пари додека не најдете нешто друго“, изјави актерот Род Меклахлен за Си-би-ес.

Со доаѓањето на стриминг-услугите хонорарите значително се намалија, тврди актерката Кели Стјуарт. „Хонорарите што ги добивам од телевизијата и оние од „Нетфликс“ се како ноќ и ден“. Таа на „Твитер“ објави и копија од вкупно пет исплати, кои изнесуваат 13 центи.

Ваквата состојба им создава проблем на актерите бидејќи не само што остануваат без пари, туку и без здравствено осигурување. Имено, минимумот што треба да го заработат за една година за да имаат право на осигурување е над 26.000 долари. Шан Шарма, член на одборот на Синдикатот на актерите, вели дека тоа право го остваруваат помалку од 13 % од членовите на Синдикатот.

За споредба, Двејн Џонсон беше најплатениот актер во 2022 година со заработка од 270 милиони долари, според листата на „Форбс“ за најплатени актери. Двејн доби високи хонорари за Jungle Cruise и за Red Notice, но, според „Форбс“, поголемиот дел од приходите во 2022 година му доаѓа од неговиот бренд текила, „Теремана“.

Том Круз се најде на насловните страници минатата година бидејќи наводно заработил 100 милиони долари од договорот за да глуми во Top Gun: Maverick за кој добил провизија и од продажба на билети, според „Вараети“.

Можеби ќе дојде време кога богатите челници ќе може, едноставно, да ги избркаат актерите и сценаристите бидејќи неколку луѓе што знаат да користат вештачка интелигенција ќе бидат доволно за хит-серии и за филмови. Додека не дојде тоа време, се чини дека ќе мора да обезбедат пристојна егзистенција за своите работници – се проценува дека штрајкот ќе им направи штета од најмалку 4 милијарди долари.

Можете да прочитате

Овие три хороскопски знаци никогаш не бегаат од проблемите

Пет хороскопски знаци ќе имаат неверојатен успех во кариерата во 2026 година

„Ветуваме дека ќе продолжиме таму каде што тој застана“: Второто семејство на Панчо, Sure Shotz, порача дека ќе ја продолжи неговата мисија!