Полицијата во Босна и Херцеговина денеска извршила рации низ целата земја во акција со цел собирање докази за фалсификувани универзитетски дипломи, потврдија од седиштето на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА).
Полициски истражители под надзор на обвинители од Одделот за организиран криминал и корупција при Обвинителството на БиХ извршија претрес на бројни објекти во Горажде, Зеница, Травник и Сараево.
Како што се наведува во полициското соопштение, истрагата во рамки на акцијата под кодно име „Индекс“ е поврзана со незаконитости во работењето на приватна високообразовна установа, односно кривични дела незаконско издавање универзитетски дипломи и перење пари.
Предмет на истрагата се и врските на осомничените во Босна и Херцеговина со правни и физички лица во странство.
Од СИПА изјавија дека засега во интерес на истрагата не можат да дадат повеќе информации, но медиумите во БиХ наведуваат дека главна цел на полициската акција е бизнисот на институцијата наречена „Меѓународен универзитет во Горажде“.
Наводно, има индиции дека незаконски стекнатите лекарски и физиотерапевтски дипломи со ознаки на тоа приватно училиште се продавале на црниот пазар во странство, на кој учествувала и италијанската мафија, а нејзиниот главен посредник наводно бил извесен Салваторе Месина, за кој била распишана меѓународна потерница.
Месина, кој се претставува како научник, е ко-потписник на дипломите издадени во Горажде, а според порталот Istraga.ba, покрај во Хрватска и Србија, тие се појавиле и во Италија, Швајцарија и Либија.