
Голем пожар избувна синоќа во Велес, а бел чад во текот на ноќта се издигнуваше над новиот дел од градот. Како што информираа од ТППЕ Велес околу полноќ за МИА, по 22 часот бил пријавен пожар во Фабриката за здрава храна „Аронија“ во индустриската зона на Велес во новиот дел на градот, која е дел од компанијата „Мирана“ за маргарин и други прехранбени производи.
Во гаснењето веднаш се вклучиле повеќе пожарникари со три противпожарни возила, а на помош во дотур со вода им била ставена на располагање и цистерна со вода на ЈКП „Дервен“.
Според првичните сознанија од СВР Велес, гореле магацин, во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друга опрема и канцелариски простории во кои настрадале документација и други материјали. Пожарот траел речиси цела ноќ, а во гаснењето учествувале пожарникари со три противпожарни возила од ТППЕ Велес, едно возило од ЈКП „Дервен“, две специјални пренаменети возила на ДЗС, а присутни биле и шест полициски службеници од СВР Велес.
Информацијата за пожарот во фабриката ја потврди и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
– Има пожар во фабриката „Мирана“, на лице место е ТППЕ Велес, нема информации за повредени лица, информира Ангелов.
На прашање на МИА дали има опасност по останатите објекти, тој одговори дека нема такви информации.
ЦУК информира дека сѐ уште има слаби чадења на одредени места во фабриката, а за да се спречи повторно разгорување, пожарникарите и другите служби се сѐ уште присутни на терен.
Според ЦУК, во Велес кај индустрискиот Блок, опожарена била фабриката „Мирана“, а по Барање на ТППЕ Велес била исклучена струјата во фабриката.
Фабриката во која синоќа избувна пожар е во близина на поранешната фабрика за талк „Димче Мирчев“ во новиот дел на Велес.