
Фокусот на НАТО е кон исполнување на неговата основна мисија – обезбедувањето колективна одбрана на сојузниците, се наведува во Годишниот извештај на генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте за 2024 година, кој нуди преглед на главните постигнувања на Пактот во текот на минатата година во исполнувањето на врвните политички приоритети – од зајакнување на одвраќањето и одбраната, до обезбедувањето поддршка за Украина.
– Во последниве години, НАТО јасно го пренасочи својот фокус на зајакнување на својата способност да обезбеди колективна одбрана на сојузниците во еден посложен свет. Мојот приоритет како генерален секретар е да го засилам ова прилагодување, така што НАТО може да стане уште посилен, поагилен и поподготвен кредибилно да одвраќа и да се брани од сите закани за нашата безбедност, наведува Руте во извештајот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Руте потенцира дека кога стана генерален секретар на НАТО во октомври 2024 година, по една деценија лидерство од Јенс Столтенберг, затекнал силна Алијанса од 32 нации со заедничка цел – зачувување на мирот и безбедноста за нивните една милијарда граѓани.
– Оваа цел е поважна од кога било досега, кога се соочуваме со најопасното безбедносно опкружување: брутална војна во Европа, трајна закана од тероризам, растечка стратешка конкуренција и продлабочување на соработката меѓу противниците и конкурентите на Алијансата, нагласува Руте во документот.
Според Руте, лани НАТО продолжил да го зајакнува својот колективен став за одвраќање и одбрана, усвојувајќи најсеопфатни и најамбициозни одбранбени планови од завршувањето на Студената војна и зголемувајќи ги своите сили во состојба на зголемена готовност на 500.000 борбено оспособени војници кои дејствуваат во воздух, по копно, на море, во кибер просторот и во Вселена и се опремени да одговорат на каква било закана.
Во вакви услови, додава Руте во годишниот извештај, од суштинско значење е зголемување на трошоците за одбраната, со цел да се обезбедат силите и капацитетите потребни за зајакнување на одвраќањето и одбрана.
– Во 2024 година, инвестициите во одбраната значително пораснаа низ Алијансата. Сојузниците на НАТО во Европа и Канада инвестираа вкупно 486 милијарди американски долари во одбраната, што е зголемување од 19,4 отсто во реални услови споредено со 2023 година. Во последниве години, европските сојузници на НАТО и Канада издвоија дополнителни над 700 милијарди американски долари за одбраната, се наведува во документот.
Руте во него натаму потенцира и дека европските сојузници и Канада веќе преземаат и поголема одговорност за одбраната и безбедноста на евроатлантската област, но дека треба „драматично да ги забрзаат овие напори во 2025 година“ и мора да направат „квантен скок“ кога станува збор за придонесите и можностите за значително поголемо инвестирање.
– Исто толку важно, треба повторно да ја активираме базата на одбранбената индустрија низ Алијансата и масовно да инвестираме во нашата способност за иновации и производство и во поголем обем и побрзо. Како што буџетите за одбрана продолжуваат да растат, нашата трансатлантска индустрија мора да го следи тоа темпо. Нашите противници и конкуренти ги подготвуваат своите војски за конкурентност, принуда и потенцијално за конфликт. Мора да го зајакнеме нашиот одбранбен индустриски капацитет за да се справиме со овој предизвик и да го зачуваме мирот, наведува Руте.
Тој додава дека членките на НАТО мора експоненцијално да ја зголемат поддршка за изградба на посилна, поотпорна и поиновативна трансатлантска одбранбена индустриска база, преку соработка со индустријата и меѓу сојузниците, поддршка на безбедноста на критичните синџири на снабдување и олеснување на заедничките набавки за потребите на одбранбените планови на НАТО.
Руте во извештајот потенцира и дека во 2024 година продолжи силната поддршката на НАТО за Украина во справувањето со руската инвазија, при што земјите членки издвоија над 55 милијарди американски долари воена помош за да му помогнат на Киев да се брани од агресијата денес и да може да одвраќа во иднина. Тој потсетува и дека 60 проценти од помошта на НАТО за Украина доаѓа од европските членки и од Канада.
– Свртени кон иднината, сојузниците на НАТО се обединети во нивната желба за праведен и траен мир во Украина, додава Руте.
Генералниот секретар на НАТО наведува и дека во 2024 година имавме „растечко стратешко усогласување и практична соработка“ меѓу Русија, Кина, Иран и Северна Кореја, вклучително и преку распоредување на илјадници севернокорејски војници во Европа.
– Оваа неодговорна ескалација ги илустрира врските меѓу безбедносните предизвици низ Евроатлантскиот и Индо-пацифичкиот регион и ја нагласува важноста на соработката со партнерите. Покрај тоа, амбициите и политиките на присила на Пекинг продолжуваат да ги предизвикуваат интересите, безбедноста и вредностите на сојузниците и претставуваат системски предизвик за безбедноста на евроатлантската област, смета Руте.
Затоа, според него, во услови на вакви „меѓусебно поврзани закани и зголемена стратешка конкуренција“, НАТО продолжи да инвестира во зајакнување на сојузничката и колективната отпорност на критичната инфраструктура и клучните одбранбени синџири на снабдување, со цел да може да спречи, да се спротивстави и да одговори на саботажи, злонамерни кибер операции, економска принуда и други кампањи за дестабилизација што се водат против сојузниците.
Според Руте, 2024 година ја одбележаа 75-годишнината од основањето на Алијансата и непоколебливата посветеност на сите сојузници на НАТО на трансатлантската врска.
– Тоа се покажа со вистински напредок во зајакнувањето на нашите сили, способности и одбранбена индустрија за справување со предизвиците на поопасното безбедносно опкружување. Во 2025 година, треба значително да ги зголемиме нашите напори за да обезбедиме НАТО да остане клучен извор на воена предност за сите наши нации. Нашата континуирана слобода и просперитет зависат од тоа, потенцира Руте во извештајот.