Утрински Весник
Македонија

Годинава пријавени 34 случаи на врсничко насилство и ниеден за онлајн-насилство, освен со младите, да се работи и со родителите

20260225135514 big 730x400 56.webp.webp

Вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава во Министерството за образование, но не е пријавен ниеден случај на насилство преку интернет, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска пред учениците активисти, кои ги презентираа своите иницијативи за побезбедна дигитална средина и пријавување сајбер-булинг.

Според учениците, онлајн-насилство има, но, како што велат од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, досега официјално не е пријавен нитеден ваков случај.


– Вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава во Министерството за образование, но не е пријавен ниеден случај за насилство преку интернет, а вие велите дека го има. Јас би ве охрабрила, доколку сметате дека можеме да ви помогнеме, а можеме, кога ќе наидете на такво насилство, да го пријавите зашто ние имаме стручни служби што ќе поработат и со службите во училиштата и со наставниците, а ако има потреба и со насилникот, како и со жртвата, ако се обрати. Бидете мост меѓу интернетот и стручните служби. Поттикнете ги вашите врсници зашто разбирам дека меѓусебно најмногу се разбирате, дека на младите им требаат млади, но не исклучувајте ги возрасните. Некогаш и тие знаат да бидат корисни – порача министерката Јаневска.

Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој исто така ги слушна иницијативите на учениците активисти, рече дека, освен со младите, во однос на сајбер-булингот многу е важно да се работи и со родителите.

– Често ја повторуваме реченицата дека родителите не се научени да се справуваат со сајбер-насилството и сајбер-булингот зашто можеби тоа не постоело во времето кога растеле и биле воспитувани. Сега е некое друго време, кое го носи овој голем предизвик. Затоа е многу важно да се работи со родителите, но заедно и со сите партнери – училиштата, педагозите, стручните соработници и, секако, најмногу со младите. Ние една година го реализираме проектот „Центар за побезбеден интернет“ и овие лекции ги учевме лани, но проектот продолжува. Како институции ви стоиме на располагање за сите овие прашања што ги иницирате – истакна Андоновски.

Како што информира Александра Ивановска од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, официјални пријави за онлајн-насилство генерално нема.

– Досега се за врсничко насилство во живо, но не и за онлајн-насилство. МВР има еден механизам што се вика „црвено копче“ за пријавување каков било вид насилство, вклучително и насилство во дигиталното опкружување. За жал, ова не е доволно познато и не ни има голем број пријавени. Конкретно, минатата година преку „црвеното копче“ имаше околу четири пријави, иако знаеме дека тоа е за сите видови насилство – истакна Ивановска.

Учениците кои се дел од иницијативата #Нет без хејт денеска ги претставија своите активности, претстојната кампања и прирачникот – сите во насока на справување со онлајн-насилство, кои треба да бидат заокружени до крајот на годинава.

Можете да прочитате

Уставен суд: Без постапка за нерезидентните пензионери, запрена постапката за измените на Кривичниот законик

ЗНМ и ССНМ: Одбивање на жалбата на ИРЛ од Апелациониот суд дополнително нè мотивира да стоиме зад истражувачкото новинарство

Собранието ја утврди потребата за носење на пакетот закони за намалување на платите на функционерите