Утрински Весник
Македонија

Гнев и блокади на Кожуф: Граѓани бараат стопирање на изградбата на мали хидроцентрали на Дошница

Screenshot 2025 06 30 090522.jpg

Изградбата на две мали хидроелектрани на планинската река Дошница, дозволена од Општина Кавадарци кон крајот на минатата година, предизвика бурни реакции и масовен граѓански отпор во југоисточниот регион на Македонија. Во месноста Смрдлива Вода на планината Кожуф, изминативе денови се одржуваат протести и блокади, организирани од граѓански здруженија од Гевгелија, Демир Капија и други градови, со барање веднаш да престанат градежните активности и да се повлечат машините кои започнаа со расчистување на теренот.

Активистите алармираат дека ставањето на реката Дошница во цевки ќе предизвика непоправливи последици врз животната средина, водните ресурси и биодиверзитетот на планината Кожуф. Тие предупредуваат дека жителите на целиот регион зависат од планинските води, а со уништување на уште една река се загрозува не само природата, туку и животот на луѓето.


„Да се тргнете од Дошница и од сите реки веднаш, инаку ќе ве блокираме додека не ги тргнете сите машини“, порача Марина Томова од граѓанската иницијатива Changemakers4All. Таа, како повратник од Холандија со својот син, вели дека се вратила во Македонија за да се бори за подобра иднина. „Се организиравме за да го одбраниме основното човеково право на чиста и здрава природа“, вели Томова.

Протестите добиваат и поддршка од локалните власти. Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, беше единствениот локален лидер кој јавно се појави на собирот и истакна:
„Целта не ги оправдува средствата. Од стручњаци дознав дека штетата од овие мали хидроцентрали е далеку поголема од користа. Мораме да ги заштитиме нашите реки.“

Тој најави и поднесување барање до Парламентот за трајна заштита на сливното подрачје на Дошница и другите планински реки во регионот.

Граѓанските активисти предупредуваат и на системски проблеми – променети закони, концесии доделени под сомнителни околности, и изградби без јавни дебати.
„Ова е општ грабеж на јавното добро. Профитот оди кај повластени производители, а сметката ја плаќаат граѓаните“, истакна Кире Незиров од Велес.

Протестите продолжуваат и наредните денови, со јасна порака: „Кожуф не го даваме“. Активистите најавија правни чекори, поддршка од еколошки организации и меѓународни мрежи, а граѓаните се подготвени да останат на терен колку што е потребно за да ја заштитат реката Дошница.

Можете да прочитате

Кривична пријава против три лица за нелегална сеча во ЈУ Национален парк Маврово

СДСМ: Што ќе правите кога ќе ги промовирате сите проекти на СДСМ, патот Фариш-Дреново беше 90% направен

(Видео) Филипче: ВМРО ДПМНЕ  ја става Македонија во заложништво на други држави