Утрински Весник
Свет

Германскиот министер за одбрана даде зелено светло воздухопловните сили да ги исфрлат итно потребните пакети со помош над Газа

Screenshot 2024 03 13 211349.png

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска им даде зелено светло на германските воздухопловни сили да ги исфрлат итно потребните пакети со помош над Појасот Газа. Писториус потпиша наредба за германските вооружени сили, Бундесверот, кои, заедно со неколку други земји, ќе исфрлат помош од воздух на опколената палестинска територија. „На луѓето во Газа им недостасуваат најосновните потреби. Ние сакаме да го направиме нашиот дел за да им обезбедиме пристап до храна и лекови“, рече Писториус. Бундесверот ќе обезбеди два транспортни авиони Ц-130 Херкулес, од кои секој може да превезе до 18 тони товар, рече министерот, додавајќи дека екипите доделени на оваа задача се обучени и високо искусни за овој тип на операции. Германија на тој начин се приклучува на иницијативата покрената од Јордан за снабдување на жителите на Газа со воздушна помош. Некои арапски и западни земји, вклучувајќи ги САД и Франција, учествуваат во оваа операција веќе една недела. Според хуманитарните организации, ситуацијата на луѓето во Газа, тесен и густо населен крајбрежен појас, станува сѐ поочајна. Обединетите нации предупредија дека гладувањето е загрозено доколку не се зголеми бројот на камионите со помош. Израел строго ја ограничи испораката на копнена помош за Појасот Газа, дом на околу 2,2 милиони луѓе, за време на повеќемесечната израелска воена кампања со воздушни и копнени напади. Израел ја започна војната и главно го блокираше пристапот до Газа откако палестинската милитантна група Хамас започна невидени напади врз Израел на 7 октомври, брутално масакрирајќи цивили. Според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, повеќе од 31.100 луѓе се убиени на палестинска страна од почетокот на војната. Во тек се напори за испорака на помош во Газа по морски пат. Вчера, брод на хуманитарната група Open Arms исплови од кипарското пристаниште Ларнака кон Појасот Газа со шлепер кој влече платформа натоварена со околу 200 тони вода за пиење, лекови и храна. Патувањето на бродот може да потрае и до 60 часа зашто се движи бавно. Сепак, според портпаролот на ОН, поморскиот транспорт на хуманитарна помош за Појасот Газа не го надополнува недостатокот на итно потребни испораки со камиони.

Можете да прочитате

Бела куќа: Хезболах го изврши нападот на Голанската висорамнина

Макрон: Франција е целосно посветена да се избегне нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток

Блинкен: Ракетата што го погоди Голан била лансирана од Хезболах