Утрински Весник
Свет

Германија негира дека помагала во геноцидот во Појасот Газа

12146491.jpg

Германија негираше дека помагала за геноцидот во Појасот Газа со продажба на оружје на Израел, одговарајќи на барањето на Никарагва пред Меѓународниот суд на правдата (МСП).

„Германија прави се што е во нејзина моќ за да им помогне и на израелскиот и на палестинскиот народ и е единствениот најголем донатор на хуманитарна помош за Палестинците“, рече Тања фон Услар-Глајхен, правен советник во германското Министерство за надворешни работи.

Таа истакна дека безбедноста на Израел е приоритет за Германија, поради историските околности и германското нацистичко минато. „Германија научи од своето минато, минато кое вклучува одговорност за едно од најстрашните злосторства во историјата на човештвото, Шоа“, рече таа, користејќи го хебрејскиот збор за холокаустот, и оцени дека обвинението на Никарагва треба да се отфрли поради слабите докази и аргументи.

Германскиот адвокат Кристијан Тамс изјави пред МСП дека 98 отсто од опремата што Германија му ја доставила на Израел од 7 октомври се состои од општа опрема како што се заштитни елеци, двогледи и шлемови.

Вчера, Никарагва побара од МСП да и нареди на Германија да го прекине извозот на оружје за Израел и да ја повлече одлуката да престане да ја финансира агенцијата на ОН за помош на раселените Палестинци УНРВА, истакнувајќи дека постои сериозен ризик од геноцид во Појасот Газа.

„Нема сомнеж дека Германија беше многу свесна, дека сè уште е многу свесна, барем за сериозниот ризик дека ќе биде извршен геноцид во Појасот Газа“, изјави претставникот на Никарагва, Карлос Хозе Аргуело Гомез, оценувајќи дека Германија ја прекршил Конвенцијата за геноцидот од 1948 година со снабдување на Израел со оружје откако судиите на МСП утврдиле дека постои можност Израел да прекршил одредени точки од Конвенцијата за време на нападот на Појасот Газа

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk