
„Платеното практикантство е одличен проект, користен за младите, но и за општината. Во моментот имаме седум практиканти во повеќе сектори, кои покрај теоретското знаење од факултетот, стекнуваат и практично искуство кое може да им отвори пат кон нови вработувања. Младите носат нова динамика и енергија, која внесува свежа перспектива и креативни идеи и затоа нивниот придонес е секогаш значаен,” рече градоначалникот Горан Герасимовски на средбата со Миа Ивановска, студентка на ФИНКИ и практикантка во локалната самоуправа.
Тој истакна дека платата на младите практиканти во Општина Центар изнесува 15.000 денари, а ангажманот трае шест месеци со шестчасовно работно време.
„Студентите и апсолвентите имаат можност да работат и да студираат истовремено, а по завршувањето на ангажманот добиваат потврда за завршена практикантска работа, која им е потребна за завршување на факултетот,” посочи Герасимовски.
Младите центарци можат да користат и субвенции за полагање возачки испит, со финансиска поддршка од 10.000 денари за сите кои годинава наполниле 18 односно 19 години.
Герасимовски најави дека во новата програма се обезбедува поддршка и за „НЕЕТ” младите, кои не се вклучени во образование, вработување или обуки (Not in Education, Employment or Training).
„За нив ќе обезбедиме доедукација, обуки и волонтерски ангажмани со цел да стекнат нови знаења и вештини и да ја зголемат својата конкурентност на пазарот на труд. Дополнително, во соработка со партнерски организации, ќе им отвораме можности за поддршка при вработување и практикантство,” рече Герасимовски.