Општина Центар успешно ги унапреди своите капацитети и постигна значајни резултати во текот на 18-месечната соработка со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите (2021-2026). Соработката се одвиваше во периодот од мај 2023 до декември 2024 година.
,,Благодарение на ова партнерство, Општина Центар ја зголеми наплатата на приходи од сопствени извори за 29% и го подобри индексот на даночна транспарентност, кој во 2023-2024 достигна 63%, во споредба со 46% во периодот 2022-2023 година. Дополнително, општината ја задржа максималната оценка за буџетска транспарентност со 16 индексни поени, а активната транспарентност во 2024 година достигна високи 94.2%”, истакна градоначалникот Герасимовски на работниот состанок со претставниците на УСАИД и општинската администрација.
Посебен акцент беше ставен на подобрувањето на информираноста на граѓаните преку кампањи како „Мој данок за мојата општина“ и „Општина на дланка“. Подготвени се значајни документи, како што се граѓанскиот буџет за 2025 година, планот за локален економски развој, како и унапредување на внатрешната ревизија.
Во рамките на техничката поддршка, општината активно учествуваше во обуки, менторски средби и форуми, што овозможи зајакнување на капацитетите за буџетирање, управување со јавни финансии и подготовка на проекти.
Проектот исто така обезбеди прирачници и кодекси за транспарентност, внатрешна комуникација и управување со јавните набавки, кои дополнително ги зацврстија процесите на отчетност и ефикасност во општинското работење.