Советниците на Општина Центар, на предлог на градоначалникот Герасимовски, донесоа одлука за одредување на височина на нулта плоча за градби кај терени во пад, определена од страна на пристапната сообраќајница, кон дното на парцелата, како пресек на градежната линија со котата на теренот. Со оваа одлука за прецизирање на нултата плоча се намалува можноста за злоупотреба при проектирање и изведување подземни нивоа на коси терени. Инцијативата произлезе од утврдување на фактичката состојба со градби на стрмните терени на Водно. ,,Мојот предлог произлезе од проблемите со кои се соочуваме на терен и со кои се соочуваат и самите граѓани. Со одлукава сакаме да ги минимизираме злоупотребите кои се можни со законската регулатива и подзаконските акти при градењето на Водно. Ниеден правилник не е совршен, нема црн и бел туку има сива зона во која постојат можности за манипулации. Токму тоа сакаме да го спречиме”, истакна Герасимовски. Оваа одлука за одредување на височината на приземната плоча за градби на терени во пад важи за новопланираните објекти во градежните парцели за кои не е уредено во општите одредби/услови во деталните урбанистички планови што се спроведуваат во Општината. Одлуката не се применува во случаи кога веќе има одобрен идеен проект или е започната управна постапка – барање за одобрение за градење.