Утрински Весник
Македонија

Газдата на „Пулс“ манипулирал со фискални апарати со години!

Whatsapp image 2025 11 19 at 10.09.16.jpeg

Во истрагата за нерегуларности и коруптивни дејствија поврзани со работењето на кочанската дискотека „Пулс“ и други правни субјекти, пријавени се повеќе лица од Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат, кои се сомничат за сериозни злоупотреби на службената положба.

Според информациите, двајца даночни контролори, Д.П. и Д.Д., од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Штип, ги искористиле службените овластувања и пристапот до интерни податоци за да доставуваат доверливи информации до одговорното лице во клубот. Тие наводно однапред откривале кога ќе бидат спроведени ненајавени контроли врз даночните обврзници, со што овозможувале избегнување на инспекциски надзори, а за возврат добивале подароци и противправна имотна корист. Двајцата се пријавени за кривичното дело Примање поткуп согласно член 357 од Кривичниот законик, додека М.Ј., синот на реалниот сопственик на „Пулс“, е пријавен за Давање поткуп по член 358.

Во постапката се опфатени и шест други лица – даночни инспектори и управници во регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица: Д.Ч., А.Ч., А.К., А.Ч., Н.Т. и А.К. Тие, според сомнежите, овозможувале правните субјекти „ММММ кафе“ и „Пулс“ да избегнуваат редовни и вонредни контроли и да работат без соодветна фискализација. За сите нив е поднесена пријава за Злоупотреба на службената положба и овластување, казниво по член 353 од Кривичниот законик.

Сопственикот на „Пулс“, Д.Ј., е посебно пријавен за Фалсификување исправа согласно член 378. Тој, како што е утврдено, подолг период приложувал преправени фискални апарати со контролни извештаи кои содржеле невистинити податоци, користејќи ги како валидни документи за време на контроли од Управата за јавни приходи. Целта, како што се наведува, била да се избегнат парични санкции и затворање на објектот.

Истрагата ја опфатила и инспекторката од Државниот пазарен инспекторат, В.К., за која се обезбедени дополнителни докази дека откривала доверливи информации за планирани ненајавени контроли. Таа е осомничена за кривичното дело Оддавање службена тајна по член 360 од Кривичниот законик.

Постапката продолжува, а надлежните институции најавуваат дополнителни активности и проширување на истрагата со цел целосно расчистување на случаите на корупција и злоупотреба во институциите

Можете да прочитате

Скопјанец предизвика хаос на улиците го нападнал италијански возач и побегнал, ОЈО бара притвор

ВМРО-ДПМНЕ се збогува со Филип: Секогаш знаеше да даде сила и кога самиот беше уморен

Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“