Руски „Гаспром“ е подготвен да продолжи со испораките на гас преку гасоводот „Северен тек 1“ по тридневното прекинување поради одржувањето, рекоа упатени извори, додавајќи ја неизвесноста во европско-руската гасна игра на нерви.
Испораките треба да продолжат според планираното, изјави за „Ројтерс“ еден од изворите запознаени со плановите на „Гаспром“. Испораката на гас би требало повторно да почне утре во три часот по полноќ по средноевропско време.
Отворено е прашањето до кој степен, бидејќи Северен тек 1 работеше со капацитет од 20 проценти и пред прекинот. Намалените испораки „Гаспром“ ги оправда со работи за одржување, нагласувајќи дека турбините што ги испратил на сервис на „Сименс енерџи“ не му се вратени.
Германска компанија обезбедила услуга во Канада, која ја блокирала опремата бидејќи воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Москва ги припишува проблемите со Северен тек 1 на санкциите, за кои тврди дека го попречиле нормалното одржување. Брисел возвраќа дека тоа е изговор, обвинувајќи ја Русија дека го користи гасот како економско оружје.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повторно ја разгоре загриженоста, велејќи дека испораките преку Северен тек 1 би можеле повторно да бидат прекинати бидејќи доверливата работа на целиот систем е загрозена.
Во меѓувреме, европските земји воведуваат мерки за штедење за да обезбедат доволно гас за зимата и се обидуваат да најдат нови извори за снабдување, како и рестартирање на веќе затворените термоелектрани на јаглен.