Утрински Весник
Македонија

Гаши очекува Македонија и Албанија да одат заедно кон ЕУ

Afrim Gashi I Elisa Spiropali.jpg

Со почесна гарда претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, ја пречека претседателката на албанскиот парламент Елиса Спиропали, а потоа во разговорите рече дека се надева оти двете држави заеднички ќе го продолжат патот кон ЕУ. Ова очекување на Гаши не зависи од желбите на Тирана, туку од одлуката на европските лидери дали Албанија ќе ги отвори првите кластери до крајот на годинава. А така засега стојат работите.

Според соопштението од средбата, Гаши и Спиропали се согласиле дека „во иднина мора да се продолжи соизградбата на патното, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII, а сѐ со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал“, што е во дисонанца со најавите на надлежниот министер за транспорт дека ќе биде запрена изградбата на третата делница од пругата кон Бугарија од Крива Паланка до Деве Баир.

На заедничката прес-конференција потоа Спиропали изјави дека „промените во бојата на власта и политичката ротација во Скопје не треба и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, туку ќе бидат дел од циклусот на континуиран напредок на соработката меѓу нас“.

Говорејќи за евроинтеграцискиот процес, Спиропали укажа на заморот што го чувствуваат граѓаните во двете земји од долгото чекање. Во овој контекст, таа изрази жалење што Северна Македонија не ја исполнила преземената обврска во однос на уставните измени.

„Тие овде и пошироко се гледаат како соодветна жртва со заслужената награда што недостасува“, рече таа.

Според Спиропали, „албанскиот фактор во РСМ, исто така, игра одлучувачка улога во односите меѓу двете земји и на ист начин и Македонците во Албанија се силен мост за поврзување на пријателството и соработката меѓу нашите две земји. Овој национален и човечки фактор, распространет на три држави и три републики, во Косово, Северна Македонија и Албанија, со три различни знамиња и симболи, истовремено го прифаќа симболот на обединетата Европа и нејзиното знаме. Во овој дух и во оваа филозофија, сигурна сум дека правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во институциите на земјата, ќе продолжи согласно современите демократски стандарди на мултиетничкото општество“рече Спиропали.

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош