Утрински Весник
Македонија

Гаши не планира да покрене постапка за разрешување на првата антикорупционерка Димитровска, додека судски не се докаже дека е виновна за корупција

Afrim Gasi Nasa Sobranie 696x534 1.jpg

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој „засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување“.

Димитровска е осомничена дека му одавала службени тајни на обвинет во случајот „Адитиви“, во кој десетици луѓе се под истрага дека учествувале во малверзации со тендери за набавка на адитив за РЕК Битола. Според Обвинителството, таа преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Ватсап“ му пренесувала информации на другиот осомничен за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.


На претседателката на Антикорупциската комисија Судот ѝ го одзеде пасошот, а таа не оди на работа и не смее да има контакт со предметите и со работата на ДКСК воопшто. Таа не се повлече од функцијата откако стана осомничена во случајот „Адитив“, а и понатаму ќе продолжи да прима плата. Со оглед на досегашната должина на судењата за предмети обемни како „Адитив“, сосема е можно Димитриевска да остане на чело на Антикорупциска до крајот на нејзиниот мандат, а судењето и натаму да трае, пред Гаши да стигне да ја дочека пресудата по која евентуално би покренал постапка за разрешување на првата антикорупционерка, која на позицијата е избрана од Собранието.

„Почитувајќи го начелото на пресумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.

Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат оттаму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.

Можете да прочитате

Во чест на Павел Христов херојот кој го загуби животот во Пулс: Најблиските организираа меморијален собир со автомобили (ВИДЕО)

СДСМ бара оставка од Тошковски откако тој го призна скандалот со братот на Стефковски

Се крадел златен накит и пари од живи и починати во Домот за стари лица во Куманово?!