Утрински Весник
Македонија

Гаши: Изборите не се институционална формалност, упатувам јасен повик до сите да се воздржат од секоја форма на притисок, користење на говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси

Afrim Gasi Nasa Sobranie 696x534 1.jpg

Изборите не се институционална формалност. Тие се основно право и реален инструмент за граѓаните да изберат раководители со интегритет, визија и посветеност кон јавниот интерес. Свесен за обединувачката должност што ја имам, чувствувам обврска да упатам јасен повик до сите политички субјекти, кандидати и организациски структури, институциите и медиумите, активистите и граѓаните: да покажат висок степен на политичка и граѓанска култура. Да се воздржат од секоја форма на притисок, користење на говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси.

Ова го порачува претседателот на Собранието Африм Гаши во изјава во пресрет на кампањата за локалните избори на 19 октомвир, која започнува утре.


-Утре започнува кампањата за локалните избори на 19 октомври, важен момент за демократијата во земјата, иднината на општините и за благосостојбата на граѓаните. Собранието веќе се изјасни за сплотеност преку Заедничката декларација за фер и демократски избори. Ве потсетувам дека почитувањето на оваа Декларација е морална и политичка обврска за секој учесник во оваа кампања, порачува Гаши.

Политичката трка треба да се одвива во духот на една здрава демократија, да биде трка на идеи и програми – без инциденти, без заплашувања, без навреди или омаловажувања.

-Граѓаните заслужуваат почит, а демократијата бара одговорност. Демократијата не се мери со победата на еден поединец или партија, туку со достоинството на изборната трка. Затоа, со доверба очекувам овој изборен процес да биде сведоштво за нашата демократска зрелост и одраз на нашите европски аспирации, нагласува Гаши.

Претседателот на Собранието, на сите кандидати и партии им посакува успех и достоинствена кампања, насочена кон потребите на граѓанинот, бидејќи, како што вели „кога чесноста ја води трката, резултатот е победа за целото општество“.

Можете да прочитате

Филипче: Без силен СДСМ, пропаѓа надежта дека Македонија ќе биде правична, демократска и европска држава

Филипче: Власта на ВМРО-ДПМНЕ е неспособна, расипничка и нечесна пред граѓаните

Г.г. Стефан: Со изградбата на „Свети Константин и Елена“ се надминавме себе си