
Нема поприлично место од Охрид и македонската светиња над светињите – црквата „Света Софија“ за празнување и одавање почит на Светите браќа Кирил и Методиј, на оние кои не учеа на единство во верата, на оние благодарејќи на чие дело се удостоивме да го славиме Бога на свој јазик, со свое писмо и од свои книги. Тоа го истакна Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот г.г. Стефан во обраќањето пред присутните на Свечената академија што се одржа во Охрид.
– Овие избледени фрески на „Света Софија“ чиниш ја шепотат сета наша историја и сиот наш помин, и се показ пред светот за тоа кои сме и од кога сме…И навистина природно и прекрасно е што овој настан се одржува овде, во една од највеличествените базилики во православието, во храмот посветен на Премудроста божја, посветен во слава на Словото божјо, во древниот Охрид, градот на Свети Климента, најнадарениот ученик и продолжувач на светото кирилометодиево дело, рече архиепископот Стефан.
Тој потсети дека неслучајно византискиот император Михаил, еден од најмоќните луѓе во тоа време, ги одбрал токму солунските браќа Кирил и Методиј да ги воведат словенските народи од преисториско во историско време, од неписменост во писменост, од духовна непросветеност во цврста закотвеност во пристаништето на нивната вера…
– Светите браќа Кирил и Методиј создале дело од исклучително значење и од историски и во географски конекст, дело кое и 12 столетие по нивното заминување останува живо и делотворно и кое веруваме ќе остане до крајот на вековите.., рече поглаварот на МПЦ.
Тој рече дека и по толкаво временско растојание, од нивното мисионерско дело, пораката и начинот на делување се поучни и за овие денешни, не помалку немирни и не помалку предизвикувачки времиња…Непријателствата меѓу народите, судирите меѓу културите и разните немири во нашите дни, како што рече, не би биле такви и не толкави кога во светот би имало повеќе луѓе со богољубие и човекољубие какви што имале солунските браќа…
– Тогаш кога посилните империи и поетаблираните народи сакале културна и јазична превласт над Словените, Светите Кирил и Методиј не наметнувале туѓ јазик и култура, туку сакале Христовото име и неговата наука да допрат до срцето на секој човек на разбирлив, мајчин јазик…Тие секаде оделе како сејачи на Евангелието, со слово а не со меч, градејќи мостови, делувајќи за Славата божја…рече поглаварот на МПЦ.