Откако започна долгонајавуваната украинска контраофанзива, на неколку клучни точки во земјата се водат интензивни битки.
Украинската армија најпрвин нападна на истокот, но сега моментумот се движи кон југ, а најактивни области каде што се одвиваат тешки битки се Бердјанск и Мариупол. Според украински извори, армијата полека ги потиснува назад руските сили а во битките може да се вклучат и британските тенкови „Челинџер“.
„Ако во првата недела епицентарот беше на исток, сега гледаме дека борбите се движат кон југ и сега гледаме дека најактивни области се Бердјанск и Мариупол … На исток, непријателот ги насочи сите свои сили да ја запре нашата офанзива. И таму собираат сили да не спречат. Тие не се многу успешни на југ“, изјави заменик-министерката за одбрана Малиар.
Последниот извештај за контраофанзивата, како и извештајот за „очајниот отпор“ на руските трупи на исток, беше објавен откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека движењето во контраофанзивата е „најважното нешто“.
„Секој војник, секој нов чекор што го правиме, секој метар украинска земја ослободена од непријателот е од најголема важност“, изјави Зеленски.
Светските агенции нагласуваат дека не може да се потврди ситуацијата на бојното поле. Русија официјално не го признава напредокот на Украина во раните фази на контраофанзивата и тврди дека им нанела големи загуби на силите на Киев во изминатите 24 часа.