Слободата на интернет или ја нема или константно опаѓала во десетици земји изминатите 14 години, се дознава од најновиот извештај на Фридом хаус годинава насловен „Мрежа 2024: Борбата за онлајн доверба“.
Според извештајот, во 2023 година, луѓе биле нападнати или убиени поради онлајн изразување и активизам во најмалку 43 земји. На пример, слобода на интеренет нема во такви земји и територии како Русија, Источен Донбас, Крим, Турција, Нагорно Карабах, Кина, Иран, појасот Газа, Египет, ЦАР, Западна Сахара, Судан и други.
Според Freedom House, меѓу главните причини кои влијаат на нивото на слободата на интернетот се мешањето во изборите и зголемените репресии за слободно изразување на мислењето.
Според авторите, цензурата и манипулациите со содржините ја поткопале способноста на гласачите да донесат информирани одлуки за време на изборите во 2023 година, а владите на 25 од 72 анализирани земји во текот на изборите го ограничиле пристапот до социјалните мрежи или ги блокирале веб-страниците каде што се објавуваат политички, социјални или верски мненија, за да влијаат на нивните резултати.
Меѓутоа, и надвор од изборниот период многу влади прибегнувале кон апсења, насилство и други репресии за да ги замолчат критичните гласови на интернет. Така, најмалку во 56 земји интернет-корисниците биле апсени за изразување политички, социјални или верски ставови, соопштуваат авторите.
Најсериозните прекршувања се случувале во услови на вооружени конфликти, кога исклучувањето на интернетот од страна на властите доведувало до тоа цивилното население да остане во информациски вакуум, новинарите немале можност да известуваат за насилството и се создавале пречки за пружање помош.
-Луѓето тешко добиваат пристап до точни информации на интернет, а ширењето на лажни или погрешни содржини создава сомнежи во изборните резултати и долгорочна недоверба кон демократските институции, изјави Никол Бибинс Седака, вршител на должноста претседател на Фридом хаус.
-Создавање на безбеден и доверлив простор за изразување на мислења на интернетот е неопходно не само за слободата на интернетот, туку и за зачувување и зајакнување на демократијата, се наведува во објавеното соопштение.
Според податоците на авторите на извештајот, во 27 од 72 земји што учествуваат во рејтинг составен од скала од 100 поени, нивото на слобода на интернет-корисниците е намалено. Најголемо намалување во споредба со рангирањето од претходниот извештај е забележано во Киргистан (-4), а по него следуваат Азербејџан (-3), Белорусија (-3), Ирак (-3) и Зимбабве (-3).
Спротивно на тоа, слободата на интернетот е зголемена во Замбија (+3), благодарение на отворената можност за интернет активизам.
Кина и Мјанмар влегоа во списокот земји со најлоши услови за слобода на интернетот, освојувајќи само 9 поени од можни 100.
Рангот на Мјанмар паднал по пучот во 2021 година и преземањето на власта од страна на воените сили кои спроведуваат сурови репресии против дисидентите преку обемна цензура и надзор за задушување на критиката, репресирајќи илјадници луѓе за нивните изразувања на интернет, се вели во извештајот