Утрински Весник
Македонија

„Франкенштајн” на Театарот за деца и младинци ја доби наградата на публиката на фестивалот МЕСС во Сараево

Image 6.png

Претставата „Франкенштајн” на Театарот за деца и младинци – Скопје, во режија на Кокан Младеновиќ, ја освои наградата на публиката на 65. издание на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС во Сараево, Босна и Херцеговина.

Наградата претставува уште едно признание за оваа современа и ангажирана продукција, која беше изведена на 8 октомври во Позориште младих Сарајево, во рамките на програмата „Мали МЕСС”, специјално креирана за тинејџерската публика.


Со ова признание, „Франкенштајн” го потврдува својот успех и надвор од границите на земјата, освојувајќи ја наклонетоста на публиката со својата искрена, визуелно моќна и емоционално продорна интерпретација на класичната приказна на Мери Шели.

Во претставата настапуваат Ангела Димитрова, Матеа Јанковска, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Никола Наковски, Наташа Петровиќ и Симона Спировска од ансамблот на театарот, а текстот е колективно создаден од Кокан Младеновиќ, Драгана Лукан Николоски, Димитрије Коканов и актерската екипа.

Креативниот тим зад претставата ги обединува Димитрије Коканов и Драгана Лукан Николоски како драматурзи, Кирил Василев како сценограф, Александра Пециќ Младеновиќ како костимограф, Лука Кантарџиев како композитор, а Никола Ристески заедно со актерската екипа се потпишуваат како автори на текстовите за музиката. За кореографијата беше задолжена Олга Панго, Соња Ставрова Кирковски и Марија Мишева се авторки на фотографијата и графичкиот дизајн на плакатот и брошурата, додека Емил Петро е автор на видеоматеријалот.

Ова е второ значајно признание за претставата – по Наградата за современа сценска драматизација и адаптација што ансамблот ја доби на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински” во Прилеп (2024).

Со овој успех во Сараево, Театарот за деца и младинци – Скопје уште еднаш ја зацврстува својата позиција како водечка институција која создава современ, ангажиран и инспиративен театар за младата публика во земјата.

Можете да прочитате

Променливо облачно со сончеви периоди

Шар Планина примена во Мрежата Паркови на Динаридите

Борис Трајковски се превртува во гроб од најновата мигрантска политика на ВМРО-ДПМНЕ