Утрински Весник
Свет

Франција ја заострува безбедносната граница за токсин во формулите за бебиња

Francija.webp.webp

Франција ја намали дозволената безбедносна граница за токсинот цереулид во формулите за доенчиња, со цел зголемување на заштитата на потрошувачите, откако повеќе големи производители повлекоа производи од пазарите ширум светот поради сомнежи за контаминација. Ова денеска го соопшти француското Министерство за земјоделство. Според новата одлука, максимално дозволениот праг е намален од 0,03 на 0,014 микрограми цереулид по килограм телесна маса, пренесува „Фигаро“. Цереулид е токсин што може да предизвика мачнина и повраќање, а бил откриен во состојки произведени во фабрика во Кина, која снабдува голем број светски производители на формула за бебиња, меѓу кои „Нестле“, „Данон“ и „Лакталис“. Ова доведе до повлекување на производи во десетици земји и предизвика сериозна загриженост кај родителите.

Одлуката е донесена по состанок на Европската унија одржан на 28 јануари и е усогласена со ажурираните препораки на Европската агенција за безбедност на храната, кои официјално треба да бидат објавени в понеделник. Француските власти предупредуваат дека поради построгите критериуми можно е во наредните денови да следуваат нови повлекувања на производи од пазарот. Во меѓувреме, француските истражители на 23 јануари соопштија дека ја испитуваат можната поврзаност меѓу смртта на две доенчиња и контаминираната формула. Дополнително, организацијата за заштита на потрошувачи „Foodwatch“ поднесе кривична пријава во Париз во име на осум семејства, кои тврдат дека нивните бебиња се разболеле по консумирање на спорната формула. Во пријавата, компаниите се обвинуваат дека предоцна ја информирале јавноста за ризикот. Случајот повторно ја отвори дебатата за ранливоста на глобалниот синџир на снабдување со храна за доенчиња, покажувајќи како една контаминирана состојка може брзо да се прошири и да предизвика сериозни последици, и покрај строгите регулативи.

Можете да прочитате

Масовен прекин на струја во Молдавија

Гутереш: ОН се соочуваат со финансиски колапс

Експлозија во станбена зграда во Иран