
Утрово повторно се запали депонијата Вардариште, оставајќи ги жителите на скопските населби Аеродром и Ново Лисиче во густи облаци чад и неподнослива миризба. Состојбата е алармантна – воздухот е загаден до степен што граѓаните велат дека не можат ниту прозорец да отворат.
„Чадот влезе во становите, не се дише. Ова е вистинска еколошка катастрофа“, реагираат жители од Ново Лисиче на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, жителите на Аеродром веќе трет ден по ред протестираат против загадувањето што доаѓа од Вардариште. Тие со излегување на улица и блокада кај мостот „Киро Глигоров“ испраќаат јасна порака дека институциите мора да преземат итни мерки.

Од утринските часови се пријавуваат бројни реакции за силна и непријатна миризба што се шири низ домовите, а дел од граѓаните се пожалиле и на отежнато дишење, особено повозрасни лица и деца.
Протестите според најавите на жителите ќе продолжат и денес од 18:00 часот, ќе продолжат сѐ додека не се најде трајно решение за еколошката бомба во срцето на главниот град.
