
Неколку десетици граѓани втор ден по ред протестираа против загадувањето од депонијата „Вардариште“. Со свирежи и транспаренти со пораки за чиста животна средина, тие се собраа кај мостот „Киро Глигоров“ кај паркот „Авионче“ во Аеродром. Протестот се одржа на крстосницата на булеварите „Србија“ и „АСНОМ“, поради што сообраќајот во овој дел од градот беше во прекин.
„Воздухот секојдневно мириса на пластика, тоа е штетно за здравјето“, изјави еден од демонстрантите за 24 инфо.
На прашањето кои се нивните барања, граѓаните одговорија дека сакаат да дишат чист воздух и конечно да се преземат конкретни мерки. „Официјалното барање е да можам да дишам чист воздух и да не ми мириса на изгорена пластика“, рече еден од учесниците.

Други жители побараа дислокација на депонијата, бидејќи, како што велат, не е во ред една таква локација да се наоѓа меѓу две големи општини.

Граѓаните предупредуваат дека проблемот директно го погодува здравјето: „Имаме деца со алергии, со бронхијални астми, со ноќни гушења, стари лица со респираторни болести. Сите овие години институциите молчат и ништо не преземаат. Од политичарите не очекуваме ништо – освен сликање за политички поени. Очекуваме научната фела и јавноста да нè поддржат“, порача една жителка на Аеродром.

Протестите ќе продолжат секојдневно сè додека не бидат видливи првите мерки за решавање на деценискиот проблем со „Вардариште“.
