Голем број поранешни и активни припадници на полицијата кои, очигледно, биле на платниот список на кавачкиот клан, се уапсени во голема полициска акција спроведена во Црна Гора изминативе денови. Последното апсење на полицајци уште еднаш ја поткрепи тезата дека кавачкиот клан имал силно упориште во безбедносните служби, а ако се земат предвид и оние кои претходно биле приведени, се добива впечаток дека речиси бројчано се еднакви на „реалните „криминалци.
Судејќи по комуникациите што некои од нив ги имале преку шифрирани телефони, тие киднапирале луѓе и ги држеле во нивните таканаречени станови во барака, ги тепале, им ставале пиштол во уста, ги мачеле со струја, ги гушеле, им се заканувале и ги омаловажувале и кон нив се постапувало нехумано, објави српскиот портал Либертас.
Петар Лазовиќ и Југослав Југо Раичевиќ, едни од обвинетите, разговарале за тоа со шефовите и членовите на криминалните групи и често им испраќале фотографии од луѓе кои се измачувани.
Според досега разгледаните материјали на Европол, Лазовиќ ги известувал криминалците Радој Звицер, Дарко Шариќ, Никола Спасојевиќ, членови на криминалната организација на Шариќ, српските криминалци Вељко Беливук и Марко Миљковиќ.
Петар Лазовиќ е во притвор од јули минатата година. Тој е син на поранешниот помошник директор на Полициската управа Зоран Лазовиќ и за него беше понудена милионска кауција за да излезе од затвор. Неколку понуди од неговите адвокати беа одбиени од судот.