
Скопските улици денеска беа исполнети со пораки за правда, еднаквост и достоинство на жените, во рамки на традиционалниот Осмомартовски марш. Маршот започна од паркот „Жена борец“, а поворката се движеше до бистата на народната хероина Вера Јоциќ.

Стотици граѓани испратија силна порака дека борбата за женските права не смее да се сведува само на празнични честитки и симболични гестови, туку дека таа претставува секојдневна битка против неправдите со кои се соочуваат жените.
Учесниците нагласија дека цветовите и честитките немаат вистинско значење доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, дискриминацијата и економската нееднаквост.

Според нив, 8 Март не е само ден за сеќавање на историската борба на жените кои се избориле за своите права, туку и потсетник дека таа борба продолжува и денес за подобра и порамноправна иднина на новите генерации.

Со транспаренти и пораки за солидарност, учесниците порачаа дека времето на молк мора да заврши.
„Доста е со молкот, правда мора да има“, одекна од центарот на Скопје.

