
Во Скопје денеска ќе се одржи Форумот на добри компании 2025, на кој треба да бидат истакнати клучните предизвици и решенија поврзани со современата работна култура, информираат организаторите.
Посочуваат дека првпат во историјата, на вработените им е најважно како се чувствуваат на работа и ова искуство го ставаат пред висината на платата.
– Имајќи го предвид ова, како и фактот дека дури 55 проценти од вработените би си заминале од работа доколку не се чувствуваат како дел од тимот, 58 проценти од компаниите сакаат да ја подобрат својата работна култура, но, не знаат како (Randstad Work Monitor), велат организаторите на настанот.
Форумот ќе го отворат Дејвид Оберхубер, директор на ГИЗ Северна Македонија, а најавено е и обраќање на заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и на Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“.