Утрински Весник
Свет

Фон дер Лајен во придружба на Руте и Пленковиќ ќе ја посети БиХ

Img 8068

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во придружба на премиерите на Холандија и Хрватска, Марк Руте и Андреј Пленковиќ, во вторник ќе ја посети Босна и Херцеговина.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, предвидено е за време на престојот во Сараево, Фон дер Лајен и нејзините придружници да се сретнат со претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, со членовите на Претседателството на босанското Парламентарно собрание, како и со претставници на граѓанското општество.

Според заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста, посетата доаѓа во многу важен момент од процесот на пристапување на БиХ кон Европската Унија, особено по одлуката на декемврискиот Самит на ЕУ за старт на преговорите за членство откако земјата ќе го постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за зачленување во блокот. Во заклучоците од Самитот, лидерите побараа од Европската комисија најдоцна во март 2024 година да поднесе извештај до нив за напредокот што ќе го постигне БиХ, со цел да донесат одлука за отпочнување на преговорите.

– Целта е да се поддржат босанските власти и да се поттикнат во спроведувањето на промените што мора да ги направат за да дојдат до преговарачкиот процес, додаде Подеста.

Портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро, пак, нагласи дека доделувањето на кандидатскиот статус на БиХ донесе позитивна динамика во земјата во текот на минатата година, што резултираше со условената препорака на Советот на ЕУ за старт на преговорите за членство.

– Од особена важност е да видиме напредок од страна на Босна и Херцеговина кога станува збор за клучните приоритети, што и беа поставени на земјата кога Европскиот совет и го додели кандидатскиот статус, додаде Писонеро.

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме