Селекторот на германската фудбалска репрезентација Ханси Флик ќе остане на оваа позиција до крајот на Европското првенство во 2024 година, пренесува германски „Спорт1“.
Флик (57) минатата година ја презеде германската репрезентација од Јоаким Лев, а има договор до летото 2024 година.
Германските фудбалери не успеаја да се пласираат во осминафиналето на Светското првенство во Катар, бидејќи со четири бода го освоија третото место во групата Е.
„Спорт1“, наведува дека членовите на Извршниот одбор на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) се уште му веруваат на Флик, а го ценат и репрезентативците на оваа земја.
Сепак, претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф, очекува Флик да ги анализира натпреварите на Германија на СП 2022 што е можно поскоро и да предложи можни решенија за проблемите во подготовките за ЕП 2024 година, што ќе се одржи во Германија.
Се очекува средбата меѓу Флик и првиот човек на ДФБ да се одржи во текот на следната недела.