Утрински Весник
Македонија

Финансиска полиција: Конкретни и мерливи резултати во борбата против финансискиот криминал – над 3,36 милијарди денари опфатени со истраги

Finansiskapolicija.png

Во изминатата година, Управата за финансиска полиција оствари конкретни и мерливи резултати во заштитата на јавните финансии и владеењето на правото, истакна директорот на Управата, Слободан Ивановски.

„Со чувство на одговорност можам да констатирам дека вложениот труд и професионалниот пристап на вработените дадоа видливи резултати. Работевме фокусирано, по јасно утврдени приоритети и со целосна посветеност кон јавниот интерес“, посочи Ивановски.

Во текот на годината, Управата за финансиска полиција поднесе 44 кривични пријави против 206 лица, од кои 147 физички и 59 правни лица. Преку спроведените постапки е утврдена штета од речиси 3 милијарди денари и противправна имотна корист од над 400 милиони денари, односно вкупно над 3,36 милијарди денари јавни средства опфатени со истраги.

Паралелно со оперативните активности, Управата интензивно работеше на јакнење на институционалната и меѓународната соработка. Поддршката од меѓународните партнери, како и соработката со домашните институции, значително ги унапредија капацитетите на Управата и ја зацврстија нејзината позиција како кредибилен и доверлив партнер.

Ивановски посочи дека особено е горд на подобрувањето на условите за работа на вработените. „Како институција успеавме да ги зголемиме платите, како и да обезбедиме опрема и средства, што претставува значаен поттик за мотивација, поголема посветеност и ефикасност во извршувањето на задачите“, нагласи директорот на Управата за финансиска полиција.
Како директор, Ивановски јасно и недвосмислено застана зад принципот на неселективна правда, нагласувајќи дека лично ја презема одговорноста Управата за финансиска полиција да остане институција со висок интегритет, отпорна на влијанија и целосно посветена на јавниот интерес.

„Во 2026 година продолжуваме уште поодлучно – со засилени истраги, поголема институционална координација и јасен фокус на заштита на јавните финансии и владеењето на правото. Борбата против финансискиот криминал и корупцијата останува мој врвен приоритет, затоа што правдата мора да биде подеднаква и видлива за сите“, порача Ивановски.

Можете да прочитате

Повозрасен маж пронајден мртов во својот дом во Ѓорче Петров

Само вчера регистрирани два нови случаи на семејно насилство во Скопје

Владата одвои 60 милиони денари за чартер летови за евакуација на македонските граѓани од Блискиот Исток