
Министерот за правда, Игор Филков, во интервју за порталот МКД.мк истакна дека оставката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски би била логичен и неопходен чекор за зачувување на интегритетот на правосудниот систем, доколку е нарушена довербата или постојат доволно аргументирани причини за неговата одговорност.
„Овие реформи нема да бидат лесни, но се неопходни. Граѓаните очекуваат брзи и ефикасни промени во правосудниот систем, кој треба да функционира на начин што ќе ја врати довербата во институциите. Знам дека патот до вистинските реформи е тежок, но нема да застанеме,“ изјави Филков.
Во однос на процесот за разрешување, министерот нагласи дека Советот на јавни обвинители има свое мислење во постапката, но Владата и Министерството за правда нема да донесуваат одлуки врз основа на поединечни ставови, особено ако тие одат во прилог на лица кои не го извршуваат својот мандат професионално.
Скандали и нарушувања во Јавното обвинителство
Филков истакна дека во изминатиот период јавноста беше сведок на бројни скандали, нефункционалност во Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, сомнежи за корупција, неефикасност во кривичното гонење и судир на интереси. Според него, Коцевски постапувал во предмети каде што имало сомневање за неговата непристрасност, а во јавноста се појавиле и информации кои ја нарушиле доверливоста на постапките.
„Како министер, но и како Влада, имаме обврска да обезбедиме професионално работење на обвинителството. За жал, Коцевски направи сериозни грешки, од кои една од најголемите е неговото однесување при поставувањето на в.д. виш обвинител, без да се почитуваат законските процедури. Ова не е само правен пропуст, туку и директен удар врз принципите на транспарентност и правичност,“ посочи министерот.
Нова ера во правосудството
Министерот нагласи дека професионалните и етичките стандарди мора да бидат на прво место и дека Владата е подготвена да направи потребни промени за да ја врати довербата во правосудниот систем.
„Доколку високи функционери не успеваат да создадат соработка и здрави меѓучовечки односи во институцијата, тоа директно ја поткопува нејзината ефикасност. Одлуката за разрешување на Коцевски не е само правна, туку и морална – правосудството мора да функционира независно, професионално и во интерес на граѓаните,“ заклучи Филков.