Утрински Весник
Економија

Филипче: Зголемувањето на минималната плата е под знак прашалник, Владата ја блокира работата на Економско-социјалниот совет

Venko Filipche Sdsm.jpeg

Платите стагнираат, а покачувањето на минималната плата е под знак прашалник, бидејќи Владата го блокира функционирањето на Економско-социјалниот совет, порача денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ Венко Филипче.

„Работниците и синдикатите бараат минимална плата од 450-500 евра, но Владата молчи. Социјалниот дијалог е целосно уништен. Работниците се оставени без сигурност, а економската неизвесност станува сè поголема. И за ова СДСМ има подготвено решение и ќе го достави во Собранието со закон за минимална плата. Решение кое Владата може веднаш да го прифати“ порача Филипче.


Филипче истакна дека македонската економија оди во погрешна насока, а како поткрепа на тоа тврдење изнесе одредени економски податоци.

„Индустриското производство опаѓа веќе четири месеци јасен индикатор дека стопанството слабее. Во декември 2024 година падот изнесувал 1,4%, во ноември 3,5%, во октомври 1,1%, а во септември цели 7,9%. Владата, ниту за ова нема никаква стратегија за поддршка на индустрискиот сектор. Без силна индустрија, нема економски раст и развој. Во првите два месеци од 2025 година, буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари. Државата троши многу повеќе отколку што прибира. Владата создава опасен јаз помеѓу приходите и расходите, кој ќе мора да се покрива со нови долгови. Ова е рецепт за финансиски колапс. Во тој контекст логично е што расте и јавниот долг и сега е над 70% од БДП. Владата избегнува да ги објави точните бројки. Државниот бројчаник не работи, а Министерството за финансии молчи. Граѓаните имаат право да знаат колку навистина должиме а и кои се плановите за враќање на тие долгови“ истакна лидерот на СДСМ.

Можете да прочитате

ММФ оценува дека Народната банка успешно се справила со кризата

Изгласани измените на Законот за потрошувачи, трговците на мало, обврзани да ги објавуваат цените на производите

Средба Ангеловска-Бежоска-Марникс ван Рај: политиките на централната банка имаат голем придонес за макроекономската стабилност