
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, д-р Венко Филипче, на денешната собраниска седница за пратенички прашања, во прашањето до премиерот Мицкоски, ги изнесе фактите поврзани со аферата со Алта банка, укажувајќи дека власта наместо да ја каже вистината, ги користи своите методи за дефокусирање и замолчување на секоја критика што доаѓа од опозицијата.
„Јасни се релациите со Србија, јасни се релациите со вашата сестринска партија, со СНС, ама со Вучич како да сте браќа, така се однесувате во последно време, таков ПР имате”, рече Филипче.
Тој потсети дека аферата со Алта банка беше откриена од СДСМ и нагласи дека станува збор за случај со сериозни импликации.
„Да не откриевме ние аферата со банката, која што внимавате се обидела да влезе и да вложи капитал во Европска Унија и рекле не може поради тоа што капиталот е сомнителен а вие тука и отворивте ширум врата”, рече Филипче, додавајќи дека дополнителен сомнеж предизвикува и информацијата дека поранешен член на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ требало да биде дел од бордот на директори на банката.
Притоа Филипче укажа и на податоците за доделување на значителен број тендери на лица блиски до власта.
„161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра не се случајност, туку јасен показател за начинот на кој се води државата”, нагласи Филипче.
Тој порача дека јавноста заслужува факти и одговорност, а не закани, дефокусирања и обиди за замолчување на оние што укажуваат на сомнителни релации и злоупотреби на јавните ресурси.



