![](https://utrinskivesnik.mk/wp-content/uploads/2025/02/1-10-1024x681.jpeg)
Соопштение за јавност на СДСМ:
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ги повика сите политички партии да ги поддржат и изгласаат сите закони што се дел од реформската агенда од Планот за раст и со тоа да се направи вистинска реформа на правосудсниот систем.
Во спротивно, потенцира Филипче, најавите на Владата на премиерот Христијан Мицкоски за промена на членови на Судскиот совет и иницијативата за разрешување на јавниот обвинител ќе претставуваат упад и груба партизација на севкупниот правосуден систем.
„Сметам дека најавите на Владата да се интервенира во делот на промена на членови на Судскиот совет и иницијативата за смена на јавниот обвинител апсолутно не е никаква реформа, туку е обид за партизација на системот. Постои јасна стратегија, којашто е содржана во Планот за раст, којшто владата на СДСМ го спремаше, а оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот го потпиша во Брисел, во којашто јасен е патоказот по која временска рамка треба да се оди за да се имплементираат различни измени на закони за вистински се реформира Судскиот совет и севкупниот правосуден на систем кај нас”, истакна Филипче на денешната прес-конференција.
Претседателот на СДСМ смета дека најголема потреба на државата и на граѓаните е реформата во правосудството и затоа повика на национално единство за ова прашање.
„Владата веќе прави консултации за новиот Закон за Судски совет од сите апелациони подрачја и на овој начин едноставно самата на себе си прави упад во системот менувајќи на членовите на Судскиот совет коишто во ова сценарио би биле смените и избрани нови по стариот закон”, појаснува Филипче.
Дел од законите што Филипче повика да бидат донесени се содржани и во програмата на Владата и се дел од Планот за раст, а тоа се: предлог Закон за плати на судиите, преку Законот за движење на судските предмети, предлог Закон за судски буџет, предлог Закон за јавно обвинителска служба, предлог Закон за платите на јавните обвинители, предлог Закон за судска служба, предлог Закон за судовите и предлог закон за Судскиот совет.
„Ако сега се направи упад на системот, не се постапи по овој План, тогаш целокупниот реформски систем и процес во судскиот систем се одлага за 6 години затоа што тие нови членови биле избрани по стариот закон”, вели Филипче.
Според него, не пости апсолутно ниту една причина да државата да не оди по зацртаниот и потврден пат којшто Владата го потпиша во Брисел со цел да се реформира целокупниот правосуден систем во државата.
„СДСМ во парламентот ќе ги поддржи сите реформски закони коишто произлегуваат од Планот за раст, односно реформската агенда во делот на судството. За сè друго сметам дека е упад во системот и груба партизација на истиот”, потенцира Филипче.