
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче вечерва на граѓанската трибина во Маврово и Ростуше зборуваше за лошите економски состојби и статистичките превидувања дека до крајот на годината во буџетот ќе има дупка од 1,4 милијарди евра.
„Година и пол дена наназад предупредуваме, укажуваме дека водат лоши економски политики, дека ќе завршиме во амбис, меѓутоа тие, нашите сугестии, предлози, укажувања едноставно не ги приметуваат. До крајот на годината во буџетот на државава ќе недостасуваат 1,4 милијарди евра. 1,4 милијарди евра ќе недостасуваат да се исплатат плати, да се исплатат пензии, ќе недостасуваат пари да се даде социјална помош да се даде помош на компаниите. Тие пари може да се добијат само од нови задолжувања“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ исто така предупреди дека државата е веќе презадолжена. Наместо раст на странските инвестиции и тие ги нема, посочи Филипче и потенцираше дека додека регионот оди напред и ги зголемува платите, нашата економија тоне, а нашите работници поради политиките на владата не можат да добијат ниту 500 евра минимална плата.