
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче вечерва од големиот митинг „Се бориме за нашиот дом” во Куманово истакна дека СДСМ повторно расте и станува најсилната партија која единствено може да му се спротивстави на ДПМНЕ.
„Денес, на два дена пред изборите, сакам јасно да им порачам дека силно ќе се разочараат. СДСМ се консолидираше, СДСМ повторно расте”, порача Филипче.
Пред големиот број граѓани во Куманово, Филипче истакна дека борбата на СДСМ е исправна, искрена и во интерес исклучиво на граѓаните.
„Затоа што патриотизмот за СДСМ значи да се бориш за секој човек, патриотизам е да го обединиш народот околу заедничка цел, патриотизам е да водиш политика за иднината и да ги заштитиш луѓето. Тоа е СДСМ и никогаш нема од тоа да отстапиме”, нагласи Филипче.
Од завршниот собир пред локалните избори во недела на 19-ти октомври, претседателот на СДСМ ги повика граѓаните да гласаат со разум и со срце.
„Да гласаме со вера дека оваа земја може подобро – и дека тоа почнува од нас”, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче од големиот митинг на СДСМ и Коалицијата во Куманово.