Утрински Весник
Македонија

Филипче: Ова е преседан, Мицкоски злоупотребува безбедносни институции за да ги прикрие кризите

Filipce 2 sdsm 1.jpg

Во изјава за медиумите, претседателот на СДСМ Венко Филипче остро го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски по неговата вчерашна изјава дека државата наводно е цел на хибриден напад од странски центри на моќ. Според Филипче, ова е уште една очајна тактика за дефокусирање на јавноста во моменти на сериозна криза.

„Секогаш кога премиерот не може да најде решение за проблемот, некој друг му е крив. Имаше дронови, обиди за дестабилизација, хибридни напади, а сега и странски центри на моќ“, изјави Филипче, додавајќи дека „ниту еден премиер досега не се осмелил вака да ја злоупотребува безбедносната сфера“.


Овој пат, повод за пи-ар офанзивата беше еколошката хаварија во Трубарево, која предизвика вознемиреност кај граѓаните и поттикна прашања за ефикасноста на институциите. Наместо транспарентни одговори и конкретни мерки, јавноста доби уште една доза на заговори и неиздржани тврдења, без никакви докази, процедури или активирани институции.

„Ако навистина сме под напад, каде е Советот за безбедност? Каде е Армијата? Каде е Министерството за одбрана? Зошто не е информирано НАТО? Ништо од тоа не се случи“, посочи Филипче, обвинувајќи ја Владата за „дилетантско водење на државата“.

Кога премиерот користи сериозни безбедносни теми како параван за неспособноста на институциите, тоа не е само политичка слабост, туку и сериозна закана за довербата на граѓаните во системот.

Мицкоски не понуди конкретни мерки, задоцни со информирањето, задовцни со евакуацијата а секој министер даде спротивна изјава. Наместо сериозен менаџмент, ја засили атмосферата на страв и несигурност со говор за „странски центри на моќ“. Такви изјави без конкретна институционална постапка, без вклучување на Советот за безбедност, без реакции од армијата или безбедносните служби – не се ништо друго освен политички театар.

Одговорната политика не се води со параноја и спинови, туку со капацитет и грижа за граѓаните. Кога чадот е реален, а опасноста мерлива, граѓаните не бараат патетика, туку држава што функционира.

Можете да прочитате

Кривична пријава за гостиварец – на туѓа парцела си изградил објект

Костова за Фактор.мк: Граѓаните живеат тешко, ДПМНЕ и Мицкоски со прст не мрднаа да им помогнат

На „Вардариште“ живеат над 200 лица, Тошковски вели потребен е системски пристап