
„СДСМ е движење на храбрите, на оние кои не се плашат да ја кажат вистината, кои ја сакаат својата земја со дела, не со лажни пароли. Ова е движење што ја чува Македонија, секој ден, секој пат, секоја генерација”, порача Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, вечерва на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом” во Валандово.

Пред преполна сала Филипче истакна дека ова движење не се предава ни кога е најтешко, затоа што се бори за секој човек, секој дом и секоја улица во оваа земја.
Тој упати повик до сите граѓани што некогаш верувале во социјалдемократската идеја повторно да се приклучат во борбата за достоинствен живот и праведна држава.
„Да ја обединиме силата на разочараните од оваа ненародна власт. Да ги повикаме сите што се повлекле повторно да ни се вклучат. На 19 октомври, Валандово може да испрати порака што ќе одекне низ целата држава, порака дека борбата за Македонија продолжува,” истакна тој.
Во говорот, Филипче порача дека оваа борба не е само политичка, туку човечка и општествена, борба за вредности.
„На 19 октомври ќе избереме дали ќе ја браниме куќата што ја градевме со години или ќе дозволиме овие на власт да ја рушат. Ние избираме да ја зачуваме Македонија како дом за сите. Се бориме за нашиот дом и ќе се избориме,” рече Филипче, повикувајќи на масовна поддршка за број 5 за СДСМ и коалицијата.