Утрински Весник
Македонија

Филипче од Кривогаштани: Жалосно е што во Пелагонија родот се истура по улици

Venkokrivogashtani7.jpeg

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кривогаштани, силно ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски за колапсот во земјоделството и негрижата кон земјоделците.

„Земјоделците, кои се гордоста на оваа земја, денес се понижени. Ветуваа дека ќе има сигурен откуп, фер цена, редовни субвенции. А што добија македонските земјоделци? Разочарување, додека гледаат како нивната мака и пот скапува по нивите”, порача д-р Филипче.


Тој потенцираше дека ајварката денес се истура по улиците, поради ниската откупна цена и катастрофалните политики на власта, кои наредната година ќе доведат до рекордно најниско производство.

„Владата на Мицкоски ветуваше 45 денари по килограм, а реалноста е само 20 денари. Но и тие 20 денари не ги плаќаат навреме. Жалосно е во срцето на Пелагонија, во место што е симбол на чесна работа, упорност и резултат, да се истура родот на улица, поради катастрофалните политики на ВМРО-ДПМНЕ”, истакна д-р Филипче, предупредувајќи дека наредната година ќе имаме рекордно најниско производство.

Филипче укажа дека само 30% од субвенциите за минатата година се исплатени, а земјоделците што цела година работеле и вложувале, сè уште ги чекаат своите пари.

„И житото е оставено без поддршка. Го укинале и додатокот од 3 денари за килограм жито, а на сточарите им ги намалиле субвенциите – од 12.000 на 8.000 денари по грло добиток,” рече Филипче, додавајќи дека ваквата влада мисли само на ПР и нарачани бројки, а не на реалните проблеми на луѓето.

„Гледате дека имаме власт која нема чувство за реалност, власт што живее во статистики, нарачани анкети и реклами, а не меѓу луѓето и нивните проблеми. Имаме власт што го сврте грбот на работникот, на земјоделецот, на пензионерите, на студентите, на секој човек што се бори чесно да преживее”, порача д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во општина Кривогаштани.

Можете да прочитате

Мигрант од Камерун со туѓа француска лична карта сакал да излезе од Македонија

„Паднав на скалите, ме извлекоа во паника“ – потресно сведоштво на преживеан од пожарот во „Пулс“

Малолетници опожариле автобус во Радовиш