Утрински Весник
Македонија

Филипче од Корчула: Новата десничарска Влада крои политики со кои ќе ги деградира правата на работниците

Image 2024 08 31 5.jpeg

Потребно е обединување на социјалдемократските партии и стратегија за нов пристап кој успешно ќе одговори на промените кои се случуваат во земјите во Европа.

Социјалдемократите се должни да ги заштитат демократските вредности и да понудат јасна стратегија за решавање на суштинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

„Врвен приоритет во мојата програма како претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е да ги реафирмирам вистинските социјалдемократски вредности и да ги приспособам на потребите на денешниот социо-економски контекст, не само во Северна Македонија, туку и низ Европа и пошироко”, рече Филипче. 

Филипче, во своето обраќање истакна дека и покрај тешките домашни, но и гео-политички околности, Владата предводена од СДСМ останала на реформскиот пат воден од социјалдемократските принципи и ги подобри јавните услуги, програмите за социјална помош и работничките права.

„СДСМ во наредниот период неуморно ќе се бори за решавање на проблемите на граѓаните и силно ќе се спротистави на обидите да се омаловажат работниците и нивниот труд. Новата десничарска Влада има политики со кои планира да ги деградира правата на работниците на сметка на крупниот капитал и да ја врати државата назад кон еден модел на див капитализам. Во тој модел силно ќе страда стандардот на граѓаните и ќе придонесе кон забрзан раст на социјалните разлики. СДСМ во својата нова програма ќе понуди ефикасен модел за економски раст каде правата на работниците и животниот стандард ќе растат истовремено поддржувајќи го растот на компаниите и економијата. Имаме јасна стратегија како може да постигнеме подобри резултати за сите граѓани”, рече Филипче.

Тој понатаму истакна дека Европа се соочува со налет на националистички и авторитарни режими коишто претставуваат закана за мирот и стабилноста. Токму затоа, социјалдемократските партии мора да се обединат и да најдат заеднички начин за излез од оваа заканувачка ситуација.   

„Во време на силен налет на радикални партии, одбраната на демократските вредности и вистина не била никогаш поважна. Социјалдемократските партии се клучни во одбрана на демократските вредности, одржување на стабилноста и заштита на граѓаните во услови кога имаме подигнати тензии. Северна Македонија не е исклучок од трендовите во Европа. И ние се соочуваме со истите предизвици како и многу други земји: фрагментација на левичарските партии и пораст на екстремни идеологии кои, иронично, повеќе се приклонуваат кон десницата” – истакна Филипче.

Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во своето обраќање на тринаесеттата тинк-тенк школа Корчула. Филипче зборуваше во рамки на дискусијата насловена „Социјалдемократија 3.0 – помеѓу песимизмот и оптимизмот”. 

Дискусијата „Социјалдемократија 3.0 – помеѓу песимизмот и оптимизмот” во рамки на тинк-тенк школата Корчула претставува платформа за дијалог меѓу водечките политичари социјалдемократи од регионот и од ЕУ, граѓанските организации и експертите за изнаоѓање на соодветен одговор за политичката ситуација и насоката во која треба да се движи прогресивната социјалдемократска мисла.

Можете да прочитате

Со изложбата „Еве го човекот” заврши второто издание на ГИГА Фест

Санкции за превозни претпријатија поради неправилности при вршење јавен превоз со автобуси

Сиљановска Давкова ги пречека победниците на 37. Охридски пливачки маратон и ги додели пехарите