Утрински Весник
Македонија

Филипче: Мицкоски одби лидерска средба

Retro eglenceli kadin konusma kartvizit 7.jpg

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по седницата на Националниот совет за евроинтеграции, со кој претседава во Собранието, во одговор на новинарски прашања подетаљно го образложи повикот за лидерска средба, која, како што рече, за жал, премиерот Христијан Мицкоски ја одбил, без да го слушне објаснувањето.

„Имено, кога разговараме за некои многу битни точки, како што е националниот консензус, кога сите сме свесни дека треба да го постигнеме, притоа и да сме многу свесни дека живееме во мултинационална и мултикултурна држава, сметам дека на ова прашање треба да му се пристапи многу сериозно“, рече Филипче.


Тој истакна дека е потребно суштинско појаснување на некои аспекти од процесот. Едно од клучните прашања за кои, според Филипче, треба да се седне и да се разговара подетаљно е толкувањето на протоколите и работата на историската комисија.

„Очигледно е дека некои работи можеби поинаку ги читаме, можеби поинаку ги толкуваме. Ако лебди мислењето дека историската комисија може да е пречка во евроинтегративниот процес, по уставните измени, а во Протоколот 2, јас сметам дека јасно пишува дека никаде тоа не е услов, туку, напротив, дека владите ја охрабруваат работата на историската комисија. Сите одлуки таму се носат со консензус, значи мора двете влади да се согласат на одлуките пред да почнат да се разгледуваат другите точки како што доаѓаат на дневен ред“, изјави Филипче.

Филипче рече дека не е запознаен во детали со предлогот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, но дека секој предлог што ќе значи подобрување на нашата преговарачка позиција или откочување на нашиот евроитегративен пат тој и СДСМ ќе го поддржат.

„Друго за што може да разговараме е да изнајдеме начин да се модифицира работата на историската комисија. Да побараме странски експерти да присуствуваат и да учествуваат во таа работа, на пример, луѓе што имаат искуство во работата на вакви теми. Германија со Полска, Германија со Австрија. Има простор за разговор на овие теми. Сметам дека најлошата работа е да не се обидеме ништо да направиме“, рече Филипче.

Во тој контекст, претседателот на СДСМ ја истакна и важноста од навремен ангажман во пресрет на актуелните пораки од Брисел.

„Сметам дека се многу јасни пораките на претседателот на Европскиот совет и на еврокомесарката Каја Калас – дека сега е моментот ние да фатиме чекор со Црна Гора и Албанија, кои со крупни чекори чекорат напред, и очекувањата се дека за период од две до три, максимум четири години, може да се веќе на прагот на ЕУ“, истакна Филипче.

Тој потенцира дека останува посветен на конструктивен пристап и дека и во иднина ќе продолжи да повикува на обединување и заеднички пристап во одлучувањето за важните прашања од државен интерес. Останува на идејата за сите овие теми да се разговара на лидерска средба.

„Јас ќе продолжам да апелирам, да бидам конструктивен, да изнаоѓам предлози за кои би разговарале. Меѓутоа, ова е работа за која сепак лидерите на најголемите партии треба да седнат заедно и тоа во овој временски период затоа што очигледно постои расположение сега во ЕУ да се поддржи овој процес, а тоа го гледаме по примерот на Албанија и Црна Гора“, заклучува Филипче.

Можете да прочитате

Вечерва голем пожар во фабрика во близина на Скопје

Собранието го избра Трајко Славевски за гувернер на НБРМ

Арсовска пристигна пред Град Скопје: Каде побегна Висар?