
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинари, истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно и намерно ја држи Македонија изолирана од Европската Унија, користејќи нереални и невозможни барања како изговор за блокада на европскиот пат, а со да продолжи да цвета криминалот и корупцијата.
„Оваа влада очигледно поддржани од претседателката на државата, што видовме и нејзиното годишно обраќање, имаат некакви барања кон ЕУ кои што е очигледно дека не може да се исполнет од сите инстанции, од сите европски функционери. Од сите лидери на големи европски држави им е јасно дадено до знаење дека тоа што се бара е практично невозможно”, рече Филипче.
Тој потсети дека за време на седумгодишното владеење на СДСМ беа направени крупни и храбри државнички чекори, Преспанскиот договор, членството во НАТО, обезбедувањето на безбедноста и стабилноста на државата и отворањето на европската перспектива. Сега како што кажа Филипче, блокадата што ја прави власта за европскиот процес нема врска со национални интереси, туку велат е да продолжи криминалот и корупцијата на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зошто сега е запрен процес, тоа е едно од клучните прашања што е сега актуелно, а одговорот е поради криминал и корупција, ништо друго. Поради тоа што, со самото тоа што нема реформи во делот на правосудството, со самото тоа што не се отвораат вратите за европското обвинителство, овде цвета криминалот и корупцијата на оваа страшно корумпирана власт”, рече Филипче.
Говорејќи за состојбата во другите сектори, Филипче оцени дека државата е целосно закочена, не се донесени клучните 12 реформски закони, со што се изгубени или одложени европски финансии, за разлика од земјите во регионот како Црна Гора и Албанија.
„Оваа влада, нема ни волја, ни визија, претседателката ги поддржува во тоа и тие се однесуваат како антидржавни елементи”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.



