Утрински Весник
Македонија

Филипче до Мицкоски: Пет години сте на власт – доста беше лаги, народот гледа

Img 1073.jpeg

„Добро е што Мицкоски конечно сфати дека народот има очи да гледа и памет да размислува“, порача вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагирајќи на говорот на премиерот Христијан Мицкоски во Битола.

„Свесен е дека не му поминуваат лагите кои веќе четврта година ги повторува на локално ниво и една година како апсолутна централна власт. ‘Најдоброто допрва доаѓа’ е најлошиот слоган и навреда за интелигенцијата на граѓаните. Што точно ‘треба да дојде’? Зарем четири години власт во општините и една година како премиер не беа доволни да се покаже барем нешто?“ – прашува Филипче.


Тој посочува дека е срамно што Мицкоски зборува за правда, додека, како што вели, „прави сè за да ги сокрие оние кои се директно одговорни за најголемата трагедија во модерната македонска историја – луѓе блиски до него и до врвот на ВМРО-ДПМНЕ, некои и финансиери на партијата.“

Филипче остро го демантира наративот за економски раст:

„Јас не верувам дека постои барем еден човек надвор од неговото опкружување што верува во таа бајка. Македонија е земја со најнизок животен стандард во Европа. Платите стагнираат, инфлацијата дивее, а јавниот долг е зголемен за 7 милијарди евра. И покрај тоа, функционерите се луксузираат – приватни авиони, егзотични овошки, хотели со пет ѕвезди.“

Тој потсети и на скандалот со „Бехтел и Енка“:

„Каде е тужбата? Дури и Трајко Славески призна дека цената скокна од 1.3 на 2 милијарди евра. Кој се ‘вгради’ во овој проект?“

Во однос на обвинувањата за кодошење, Филипче беше дециден:

„Да се предупреди за авторитаризам не е кодошење, тоа е патриотизам. Македонија се борела против диктатури, врховизам и угнетување. А тоа што го гледаме денес – е токму тоа.“

Филипче го заврши своето обраќање со локален пример:

„Четири години ВМРО-ДПМНЕ е власт во Битола. Не му беше ли непријатно на Мицкоски да се вози по дупките до Хераклеја? Да види во каква џунгла е оставен локалитетот? Тоа ли е ‘најдоброто’ што треба да го дочекаме?“

Можете да прочитате

Пристигнаа првите евакуирани Македонци од Израел (фото)

Од Кочани до Хераклеја: Раните се уште крварат, но Владата весело слави

Мицкоски: Македонија е една од најбрзорастечките економии во Европа