
Изет Меџити имаше две функции во Владата, министер за животна средина и заменик-премиер. Ние сметаме дека треба да предложиме едно име плус, министер за животна средина и заменик-премиер. Оваа недела верувам дека ќе седнеме со премиерот како мандатар најдоцна до утре и ќе најдеме заедничко решение, изјави вчера вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи, одговарајќи на новинарско прашање за реконструкција на Владата.
Во Коалицијата Вреди сме согласни и го делиме мислењето дека по изборот на Изет Меџити за градоначалник на општина Чаир, на неговото место треба да дојде нашиот предлог – Беким Сали, изјави Фетаи.
На новинарско прашање за вчерашното соопштение на Вреди во кое имало критика за министерката за образование и наука Весна Јаневска поради настанот што се случи во Тетово и како напредува со изучување на македонскиот јазик, Фетаи вели дека министерката сама се обратила до јавноста во однос на овој настан.
„Таа кажа дека тоа беше моментална реакција и се извини за истиот настан. Јас можам да кажам дека 35 години живеев надвор и затоа не го знам македонскиот јазик, не сум го учел во училиште, но немам никаков проблем кога ќе го научам македонскиот јазик да се обратам на тој јазик. Мене не ми смета ниту еден јазик, течно говорам четри до пет јазици, додаде Фетаи“, кој потврди дека почнал со изучување на македонскиот јазик.


