Утрински Весник
Македонија

Фетаи ќе ја претставува Владата на пленарната седница на Венецијанската комисија

Photo 1 scaled.jpg

Со заклучок донесен на вчерашната владина седница, Владата на Република Северна Македонија го овласти заменик-претседателот Арбен Фетаи, во име на премиерот Христијан Мицкоски, да ја претставува Владата на пленарната седница на Венецијанската комисија, која ќе се одржи на 12 и 13 декември 2025 година во Венеција, Италија.

На дневен ред на оваа седница е разгледувањето на Предлог-законот за Правична и Адекватна Застапеност, кој Владата го усвои како законско решение за целосно регулирање на уставниот принцип на правична и адекватна застапеност на заедниците во државните и јавните институции.

Овој закон претставува системски и институционален акт од особено значење, бидејќи за првпат јасно го дефинира со закон принципот што произлегува од Охридскиот рамковен договор, предвидувајќи функционални механизми за спроведување и создавање на меѓуинституционално координативно тело одговорно за неговата имплементација.

Заменик-претседателот Фетаи истакна дека усвојувањето на овој закон коригира институционална неправда наследена повеќе од 20 години и поставува стабилна правна основа за реална еднаквост во јавната администрација и во институциите на државата.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека веднаш по добивањето на конечниот став од Венецијанската комисија, законот ќе биде проследен за усвојување во Собранието.

Законот за Правична и Адекватна Застапеност требаше да биде усвоен уште во 2003 година, а по повеќе од две децении задоцнување, сега за првпат се третира како целосно и функционално нормативно решение.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова: Треба да сториме се за да може да озвозможиме еднаквост во шансите на лицата со попреченост

Се бара притвор за татко и две ќерки од Кривопаланечко поради спречување службени лица во извршување должност

Спасовски: Без трошка емпатија, ВМРО-ДПМНЕ гласаше против Анкетна комисија за Кочани – ново разочарување за семејствата