
Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје во соработка со Центарот за едукација и уметност „Хана” викендов во Хотел Дрим, Струга го организираат настанот „Уметноста има став” кадешто познати и еминентни ментори ќе едуцираат 80 средношколци од различни градови низ државата како да создаваат музика, како да изработуваат графити и илустрација, како да пишуваат авторски творби, но и како да интерпретираат политички говор и подготовка за настап.
Средношколците се поделени во пет групи за музика, литература, графити, илустрација и политика, водени од истакнати ментори: проф. Емилија Ристановска, проф. д-р Ненад Марковиќ, актерот Никола Ристановски, музичарката Сара Ташкоска, поетот Дарко Лешоски, илустраторката Калиопи Трпчева и графити уметникот Драган Китановски – Драш.
Младите имаат што да кажат – преку креативноста, тие не само што учат за општеството, туку и активно учествуваат во неговото обликување.
Финалниот настан ќе се одржи утре (недела, 25 мај) со почеток во 12.00 часот во хотел Дрим, кадешто публиката ќе има можност да присуствува на музички перформанс, изведба на политички говори и поетски творби, изложба на графити и илустрации од учесниците.
Програмата има за цел да го промовира креативниот активизам и учеството на младите во општествениот и културен дијалог преку иновативен спој на уметноста и политиката.